Слика која го фасцинира светот на вселенската наука – иако е малку матна.
Меѓународниот тим астрофизичари и научници ги објави денеска сликите и компјутерските симулации од црната дупка во центарот на нашата галаксија.
Именувана како Сагитариус А, оваа црна дупка е цели четири милиони пати поголема од Сонцето.
Ваквите огромни црни дупки имаат толку силна гравитација што светлината и материјата не можат да излезат и исклучително тешко е да се направи фотографија од нив.
Сликите и симулациите ги направи меѓународниот конзорциум кој стои зад телескопот Евент Хорајзон, составен од 8 синхронизирани радио телескопи од целиот свет. Повеќе од 300 истражувачи и научници од 80 институции се дел од овој проект.
Астрономите веруваат дека речиси сите галаксии, вклучувајќи ја и нашата – Млечниот пат, во својот центар имаат вакви огромни црни дупки.
Добрата вест е дека оваа црна дупка и нејзината уништувачка гравитација се оддалечени од Земјата 27 000 светлосни години, а една светлосна година означува растојание од 9,5 трилиони километри.
„Оваа слика покажува светол прстен кој ја обиколува темнината, клучниот знак за сенката на црната дупка. Светлото кое излегува од врелиот гас кој се движи забрзано околу црната дупка ние го гледаме како тој светол прстен. Светлото кое е премногу блиску до црната дупка, доволно блиско да биде проголтано од неа, на крајот го поминува хоризонтот и остава зад себе празна темнина во нејзиниот центар“ – изјави Професорката по Астрономија и Физика на Универзитетот во Аризона, Феријал Озил.
