Неодговорните изјави за време на пандемијата нанесоа штета врз здравствениот систем, вели министерот за здравство Беким Сали, запрашан за причините за големата стапка на смртност во Македонија.
Министерот вели дека многу фактори влијаеле врз тоа, почнувајќи од состојбата на здравствениот систем, бројноста на кадарот и пристапот во лекувањето на ковид позитивните.
Каква пропаганда е спроведена сакајќи да се извести јавноста, јас мислам дека е направена штета врз психологијата на јавноста. Јас денес не можам да кажам точно зошто е таа бројка, но морам да напоменам дека тоа е мозаик на влијанија кои довеле до таа бројка. Не се само здравствените работници, условите, пропагандата, не е само изјава на некој почитуван професор кој што во одредени моменти ја рушел довербата врз системот. Што превземавме ние околу тоа? Еден од првите чекори кои што ги превземав беше тоа, да се справам со факторот кој што влијаел негативно врз општественото мислење. Во пандемија кога не знаете точно што треба да се направи, а никој не знае што точно треба да се направи, а кога некој го минира сето тоа со изјави, сметам дека тоа е, ајде воено кажано, непријателски чин. Се загрозува здравјето и животот на граѓаните со тоа што ние сакаме да бидеме актуелни по социјални мрежи, што лично јас сметам дека не е прифатливо, вели министерот.
