Русија загуби до 40 отсто од војниците што ги испрати во Украина, соопшти рано утринава Генералштабот на украинската армија.
Тие руски војници или се целосно уништени или повеќе не се во можност да се борат, пишува во дневниот билтен на штабот, но без прецизни бројки. Информацијата не можеше да се потврди независно.
Во извештајот се наведува и дека Русија има проблеми со снабдувањето на своите војници со муниција и дека руското воено раководство одобрило предвремено испраќање кадети во борба против Украина.
Областа околу Мариупол, која е под опсада, се уште е во најтешка позиција. Руската армија се обидува да го блокира Мариупол од западниот и источниот дел на пристанишниот град, но претрпе „значителни загуби“, се наведува во билтенот.
Украинските власти соопштија дека околу 20.000 луѓе од Мариупол, на Азовското Море, во вторникот успеале да стигнат на безбедно.
Речиси 30.000 цивили ширум земјата успеаја да побегнат од погодените области во вторникот, но колоната со хуманитарна помош за Мариупол сè уште е блокирана од руските војници, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во областа Одеса, руски бродови го гранатираа украинскиот брег, но немаше обиди за симнување, изјави советникот на Министерството за внатрешни работи Антон Герашченко.
