Реки бегалци, особено од подрачјата каде се водат жестоки борби во Украина бегаат кон соседните земји, а во Полска за два дена влегле околу 120 илјади украинци, соопштија полските власти. Таму ги чекаат и роднини кои со години се во Полска.
- Одевме 25 километри. Ноќе. Но стигнавме конечно.
- Моите родители се уште се во Лвов. Мислам на нив, се грижиме за нив. И за нашите пријатели таму. Се надеваме на најдобро, се бориме најдобро што можеме и се надевам дека Украина ќе победи.
- Ги чекам внуците и снаата.Знам дека немаат храна, ниту топол чај, децата се смрзнуваат среде поле. Изморени се, така ми пишаа порака.Интернетот не работи, а слушнавме дека на украинската граница е многу лошо и луѓето се тепаат и расправаат за да поминат побрзо, а често ги фаќа и паника.
На границата со Полска, колоните се долги и по 15 километри. А, на унгарската граница денеска е дозволен влез на бегалците од Украина. Ги пречека лично премиерот Орбан, кој рече дека во оваа ситуација мора сите да се прилагодуваме.
Мора да прилагодиме сè. Пред два дена имавме самит во Брисел и Унгарија јасно стави до знаење дека ги поддржуваме сите санкции, така што нема да блокираме ништо. Значи, во она што може да се договорат премиерите на Европската унија, ние ќе го поддржиме и ќе го прифатиме. Нема да го блокираме. Не е време да се биде паметен, ова е време да се биде обединет, изјави ВИКТОР ОРБАН , ПРЕМИЕР НА УНГАРИЈА
Големи прилив на бегалци има и во Романија.
- Дојдовме со автобус, а потоа пешачевме 5 километри до границата. Потоа ја извршивме процедурата и бевме пуштени на преминот и влеговме во Романија.
По неколку десетици илјади бегалци се прифатени и во Словачка, каде е прогласена вонредна состојба поради приливот бегалци, но и во Унгарија.
Сотир Трајков