Вести Македонија

Во заканата до Јовевски се бара „да ги ослободи новинарите од телевизија Алфа или ќе го убиеле“

Вчера до државниот јавен обвинител Љубомир Јовески стигнало писмо испратено од Пошта во Битола со закани по живот. Испраќачот или испраќачите во писмото се претставуваат како терористичка организација и бараат да бидат ослободени од гонење двајцата новинари од ТВ Алфа, Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, постапка за која од Јавното обвинителство нагласуваат дека веќе е запрена во декември 2021 бидејќи нема место за гонење од страна на јавен обвинител.

Испраќачот/испраќачите бараат Јовески да го запре гонењето или во спротивно му се закануваат со убиство.

„Новинарите Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, слободно да бидат ослободени бидејќи се новинари кои се од највисоки еминентни и заслуги и имаат астрономска поддршка насекаде низ државата, кои ќе се борат и ќе ги бранат до последна капка крв како што овие новинари го претставуваат и се гласот на македонскиот народ. Љубомир Јовески ослободете ги еднаш, ослободете ги од сите обвиненија бидејќи се невини за какво било злосторство или Љубомир Јовески ќе те убиеме многу брзо. Само го чекаме тој точен момент за да ви го одземеме животот. Постапете веднаш ако вашата желба е да останете живи. Ние сме терористичка организација која се бори и убива за неправди и исто така сме подготвени да гинеме за неа“, пишува во писмото до обвинителот Јовевски.

Заканата стигнала во две верзии, едната на македонски и компјутерски напишана, а другата рачно напишана на англиски јазик.

Јовески, пак, на ваквите закани возвраќа дека се залудни.

„Јавниот обвинител на Северна Македонија истакнува дека се залудни ваквите закани и во оваа пригода нагласува дека заканите, па дури и да се по живот, нема да го поколебаат во примената на законите и во професионалното и одговорно постапување на Јавното обвинителство. Пратката ќе биде доставена до Министерството за внатрешни работи заради испитување на содржината на наводите и лицето кое ја експедирало пратката“, велат од Обвинителството.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европската Унија постигна договор за 21-от пакет санкции за Русија

Sasko Dimovski

Парични казни за 12 лица, сите полнолетни – полицијата почна со санкции за тротинетџии

Sasko Dimovski

ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе