Новата локална власт на Свети Николе е против изградбата на регионалната депонија во близина на селото Мечкуевци. Ставот го изнесуваат и преку неизборот на членови на Управниот и Надзорниот одбор во новото претпријатие, кое треба да стопанисува со современиот систем за управување со отпад, а е финанисран преку фондовите од ЕУ. Градоначалникот Дејан Владев имал состанок со претставник на Министерството за животна среднина. Побарал депонијата да се лоцира кај Богословец, за да се заштити плодната земја околу Мечкуевци.
Владев најави дека ќе распише и референдум за или против изградбата на регионалната депонија, во којашто отпадот треба да го носат 18 општини од истокот и свероистокот. Но и претходниот градоначалник имаше таква иницијатива па пропадна. Тогаш образложија дека општина Свети Николе веќе има потпишано договор, во кој ако го раскине се обврзува да ги плати сите досегашни трошоци за проектот од грантот на Европската унија.
Светниколчани не веруваат дека ќе се изгради современа регионалната депонија.
Општините од штипскиот и кумановскиот регион и Свети Николе веќе имаат искористено дел од европските пари за набавка на камиони и контејнери за отпад. Овој проект чини 46 милиони евра, меѓу кои и изградбата на фабриката за отпад.
Викторија Димитрова Јованова