Партиите следната недела ќе седнат за заедничка маса и ќе отпочнат со преговори за измени на Изборниот законик. Денеска во Собранието имаа поедничени средби со претставници на ОБСЕ на кои им било укажано дека треба да се постигне консензус за една изборна единица. Демократскиот сојуз и Алтернатива сметаат дека сега е моментот да се разговара за изборните правила.
Алијанса на Албанците смета дека треба да има 8 изборни единици и отворени листи. Подготвени се за дијалог и изнесување на аргументи но се сомневаат дека до следните избори ќе дојде до промени. ВМРО-ДПМНЕ е подготвено за измени на Изборниот законик но покрај за една изборна единица инсистираат и на предвремени парламентарни избори. СДСМ е против предвремени избори.
Изборниот законик досега е менуван 36 пати. На неколку наврати беа формирани работни групи но компромис за изборниот модел не се постигна. Со децении се гласа во 6 изборни единици со затворени листи, што ги исклучува шансите на помалите партии или независни кандидати. Отворените листи секогаш се само декларативна заложба на партиите кои се на власт не почитувајќи ги долгогодишните препораки на ОБСЕ/ОДИХР .
Јулијана Пешевска
