Францускиот парламент синоќа го изгласа законот со кој им се забранува пристапот на луѓето кои не се вакцинирани во рестораните, филмските и спортските сали и другите локации.
Новиот закон за употреба на овој своевиден вакцинален пасош ќе има клучна улога во напорите на владата да ги заштити болниците од преголем број пациенти, додека државата се соочува со рекорден број инфекции од новата варијанта на Ковид-19, Омикрон, која забрзано и полесно се шири од сите досегашни. Секојдневно во Франција се регистрираат околу 300 000 новозаразени.
Националното француско собрание го усвои законот со убедливо мнозинство од гласовите.
Еве го резултатот од гласањето. Ова се резултатите. Пратеници – 280. Регистрирани гласови има 273. Мнозинството се 137; 215 гласови се за, 58 против. Националното Собрание го усвои законот за зајакнување на средствата за управување со здравствената криза, изјави Ришард Феранд, Претседател на Националното Собрание.
Претседателот на државата, Емануел Макрон се надеваше дека законот ќе биде усвоен побргу, но беше делумно одложен заради отпорот од законодавците од десницата и од левицата, со стотици предложени амандмани. Во текот на викендот на плоштадите во поголемите француски градови се одржаа и протести на повеќе илјади луѓе, кои се жалат на дискриминација.
Повеќе од 91% од возрасните Французи се веќе целосно вакцинирани а некои критичари се сомневаат дека “вакциналниот пасош” ќе направи разлика.
Владата на Макрон се надева дека новите мерки ќе бидат доволни да го ограничат бројот на пациенти кои ги полнат болниците во државата, без да се усвои нов локдаун во државата.
Досега, на невакцинираните луѓе им беше дозволен влезот во рестораните, кино салите, музеите и други локации во земјата, единствено ако покажеа скорешен негативен ПЦР тест или доказ за скорешно оздравување.
Новиот закон бара целосна вакцинација за таквите локации, вклучувајќи ги туристичките места, возовите и авионските летови и ќе важи за сите луѓе на возраст од 16 години и повеќе.
Законот исто така воведува поостри казни за лажните документи и дозволува проверка на личните карти за да се избегнат фалсификатите.
Повеќе од 76% од креветите во француската интензивна нега се зафатени со заболени со Ковид-19, најголем дел од нив невакцинирани а околу 200 луѓе умираат од последиците од заболувањето секој ден.
Никола Илиевски