Србија е во јавно-здравствена катастрофа оценуваат во отвореното писмо до владата во Белград и другите надлежни институции, повеќе од 350 доктори, кои се придружија на неформалната иницијатива “Обединети против Ковид”.
Во јавно објавеното писмо, тие бараат смена на републичкиот кризен штаб за борба против Ковид-19, но и веродостојно утврдување на бројот на заразени, заболени и починати од оваа респираторна болест, како меѓу населението, така и меѓу здравствените работници.
Повикуваат и на независна истрага која би требало да утврди дали податоците биле намерно криени од јавноста при што лицата за кои ќе биде утврдено дека свесно и намерно учествувале во тие активности, ќе треба да понесат професионална, но и секој друг вид одговорност.
Епидемиологот Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, член на критикуваниот кризен штаб во писмото на лекарите, посочи дека меѓу потписниците нема имунолози, епидемилози и инфектолози, додавајќи сепак дека се отворени за соработка.
Секој има право на свое мислење. Секоја помош ни е добредојдена. Да се критикува е најлесно, но досега се уште не сме добиле никаков конкретен предлог од кого било. Отворени сме за сите, за секој вид помош и поддршка, затоа што тука навистина треба сите да дејствуваме како еден тим, вели Тепавчевиќ.
Според официјалните податоци, во последните 24 часа, во Србија од Ковид-19 починале 9 луѓе а позитивни се дополнителни 352 лица.
Со тоа , официјалниот смртен биланс во државата се зголеми на 491.
На респираторни машини во моментов се вкупно 198 пациенти.
Една од српските општини каде ситуацијата е се полоша е Краљево, каде според проценките на локалниот кризен штаб, исклучително висок е процентот на асимптоматските случаи.
Тоа што ме загрижува и веќе и претходно го истакнував, дека е голем бројот на асимптоматски случаи на територијата на Краљево, знаете дека по статистиката, околу 80% се асимптоматски заразени. Оттаму, мојата проценка е дека на територијата на Краљево, имаме околу 7000 асимптоматски случаи. Тие претставуваат потенцијална опасност, но сепак мислам дека дури и на улица ако се придржуваат на сите мерки, мора да внимаваат и дома, вели епидемиологот Радован Чеканац.
Во Краљево минатото деноноќие биле тестирани 134 лица а од нив дури 53 биле позитивни.
Во овој српски регион од вкупно заболените 920 луѓе, дури 870 биле регистрирани во последниот месец, кога владата на Вучиќ целосно ги релаксираше сите мерки за борба против корона вирусот, пред одржувањето на парламентарните избори.
Никола Илиевски