Прегреан кабел на дефибрилатор е причината за пожарот во модуларната болница во Тетово. Прегревањето предизвикало палење во приклучната кутија од продолжниот кабел, на кој биле вклучени и полнач за мобилен телефон и уште еден апарат. Ова го покажува форензичкиот извештај на одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР, што е доставен до Основното јавно обвинителство во Тетово.
Пожарот се проширил по целиот објект за многу краток временски период и затоа што огнот предизвикал оштетување на централниот довод за кислородна поддршка, на кој биле приклучени сите хоспитализирани пациенти. Дополнително и самиот воздух бил заситен со зголемено процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор.
Форензичарите утврдиле и пропуст поради кој огнот се ширел со голема брзина, а тоа е дека, во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу модулите/просториите и кон ходникот, што би го успориле пренесувањето на огнот.
Од Јавното обвинителство посочуваат дека ова вештачење е само еден од досега обезбедените докази и најавуваат дека се очекуваат и извештаите и податоците за кои имаат издадено наредби и насоки и до други надлежни институции, како и вештачењето кое треба да пристигне од експертскиот тим од Германија.
Од Обвинителството велат дека и натаму постапуваат по предметот и преземаат и други дејствија за целосно расчистување на настанот. Јавнообвинителска одлука ќе биде донесена откако ќе се приберат сите вербални и материјални докази за пожарот во кој животот го загубија 14 лица.
Далиборка Демјанска Цветановска