Вести Македонија

„Велт“: Што е спорно во набавката на „фингерпринт“ терминалите за локалните избори во С. Македонија

Во Македонија денеска пристигна серверот за терминалите за отпечатоци од прсти кои ќе се користат на претстојни локални избори. Германскиот весник Велт го истражува тендерот за набавката кој го доби фирмата технолошко-биометриската компанија „Дермалог“, која германските медиуми ја поврзуваат за сомнителни зделки во кои наводно бил вмешан и актуелниот германски министер за финансии и водечки кандидат за канцелар на претстојните парламентарни избори во Германија, Олаф Шолц, пишува Дојче Веле на македонски јазик.

Весникот Велт ам Зонтаг (неделното издание на весникот Велт) објавува дека Дермалог добивала договори за испорака на биометриска опрема, како апарати за отпечатоци за прсти, без тендери во неколку држави. Спорни се постапките за набавка во Авганистан и Хаити, но весникот го споменува и последниот тендер за локалните избори во С. Македонија.

Дермалог е приватна компанија со 22 проценти државен удел преку Сојузната печатница, а контролата на работењето е во рацете на Министерството за финансии. Оттука и притисокот врз Шолц кој, според Велт ам Зонтаг, не водел сметка за работењето на фирмата во странство.
Дермалог беше избрана на тендерот за обезбедување техничка опрема за спроведување на локалните избори во Северна Македонија со отпечаток на прст. Како што на 16 јули соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, оваа компанија била оценета како најдобра од Комисијата за јавни набавки и тој потоа го направил изборот.
„Дермалог од Германија е избрана со евалуација, ги исполнила условите, била најдобра, имала најдобра понуда, најдобар апарат, затоа предлогот го прифатив како веродостоен“, рече тогаш Даштевски.

Државата на Дермалог ќе и исплати околу 11 милиони евра за 2.000 апарати за читање отпечаток од прст кои треба да се користат на претстојните локалните избори на 17 октомври.
Еве што пишува Велт ам Зонтаг за спроведената постапка во Македонија.
„Истражувањето на Велт ам Зонтаг покажува дека последниве години Дермалог добивал владини договори со невидена леснотија. Во некои случаи, воопшто немало покана за учество на тендер, иако тоа била законска обврска за спречување корупција. На други места- во моментов во Северна Македонија, каде изборите се закажани за октомври- имало тендер, но Дермалог го добила договорот под чудни околности. Во повеќе наврати, локалните партнерски компании играле улога, очигледно добро поврзани со локалните политичари“.

„Последниот договор кој го добила фирмата во Северна Македонија исто така привлече внимание. Овојпат, имаше конкурентска тендерска постапка. Но, комисијата за набавки одбила неколку конкуренти уште на стартот затоа што, наводно, не ги исполнувале условите на тендерот. На 11 август, надлежните му одобрија на Дермалог да ја достави биометриската технологија. Вредноста на договорот е речиси 11 милиони евра“, пишува Велт ам Зонтаг.

Но, што било карактеристично за понудата на германската компанија во Северна Македонија, пишува натаму Велт:
„Компанијата најавила дека ќе ангажира двајца подизведувачи. Обата ќе добијат по 14 проценти од целата сума- вкупно 3 милиони евра. Квалификациите на овие две компании не се  веднаш јасни: едната му припаѓа на поранешен одбојкар кој извесно време нудел идентификациска технологија заедно со партнер од Белгија. Но како единствен соработник во неговата фирма, барем на мрежата ЛинкдИн, фигурира една жена со искуство како манекенка. Прашан за ова, поранешниот одбојкар тврди дека зад него стои „голем тим“. Вториот локален партнер, според сопствената интернет-страница, нема ништо заедничко со биометрија, туку нуди психолошки совети и односи со јавност“.

Следното прашање кое го поставува Велт ам Зонтаг гласи: што стои зад провизиите на овие компании?

„Благодарение на помошта од Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН), Велт ам Зонтаг дојде до името на основачот на една од фирмите-подизведувачи. Во минатото тој се сметал за добро поврзан со долгогодишната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ. Член на оваа партија бил директно поврзан со тендерот- а нејзиниот партиски шеф лично го бранеше. Компанијата отфрла било каква поврзаност со партијата, пишува Дојче Веле на македонски јазик.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тензии во Советот на Тетово: По четиричасовна расправа усвоен дневниот ред, ДУИ ја напушти седницата иако беше прифатена нивна иницијатива 

Дејан Дејан

Таткото на Меланија е хоспитализиран во Демир Хисар, се чека судско решение за понатамошниот третман

Igor Trajkov

Дизелот поскапува за 5,5 денари, се зголемува цената и на бензините

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе