Германските експерти се веќа дел од тимот кој ја врши исрагата за пожарот кој ја уништи модуларната болница во Тетово и одзеде 14 човечки животи. Ова за медиумите го изјави градоначалничката на Тетово, Теута Арфи, истовремено информирајќи и за тоа до каде текот на истрагата за пожарот.
„Моите информации се дека истрагите на лице место се завршени, во моментот се собира документација и се собираат сите изјави од очевидци и сведоци, за тоа да се комплетира. Исто така, дел од тимот е веќе и германскиот тим кој работи и кој е специјализиран за реконструкција на вакви настани“, изјави Арифи.
Иако локалните власти во Тетово денеска го потврдија учеството на германските криминалистички експерти во истрагата од владата и обвинитеството велат дека тие не се пристигнати во земјава и оти немаат информации кога тие ќе пристигнат, поточно дека деновиве ќе дошле во земјава.
Во меѓувреме модуларната болница во Тетово останува под полициско обезбедување 24 часа.
Од резултатите на истрагата ќе зависи и тоа дали премиерот Зоран Заев ќе ја прифати опонудената оставка на министерот за здравство Венко Филипче, но за опозициските партии тоа е неприфатливо.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска им даде рок и на Филипче и на заменик министерот за здравств, Илир Хасани, до вторник рано претпладне да ги поднесат своите оставки до Собранието, бидејќи тоа ги избира, но и ја констатира нивната оставка.
„Како би можело тие да бидат констатирани на почетокот на веќе закажаната нова седница истиот ден. Доколку не бидат поднесени овие оставки, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, секако со понудена соработка и на други пратенички групи и пратеници, врз основа на член 184 став 1 од Деловникот, ќе поднесе до Собранието предлог-одлука за разрешување на министерот за здравство и заменикот на министерот за здравство“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Одговор на вакавата најава експресно стигна од собранискиот спикер, Талата Џафери, кој за ТВ 21 информирал дека нема да ја прифати предлог-одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за разрешување на Филипче и Хасани по член 184 од деловникот на Собранието.
Според Џафери посочениот член се однесува на законодавна постапка во делот на донесување одлуки, декларации, резолуции, но оти на никој начин тоа не може да биде разрешување, додавајќи дека постапката кај член 184 се покренува во фаза на второ читање.
И од Алијанса за албанците побараа итно прифачање на оставките на функционерите по пожарот во тетовската болница. Од Алијанса побараа од премиерот Заев уште денеска да свика седница на Владата, да ги поднесе оставките до Собранието, а Собранието утре да ги потврди без никакво одлагање.
Тамара Грнчароска
