На скопскиот аеродром првпат слета авион на авганистанската компанија „Кам ер“. Донесе 149 не патници туку бегалци кои за првпат доаѓаат во Македонија. Долетаа од Кабул преку Тбилиси во Грузија. На авионскиот лет имаше 20 деца под 14 години и 5 бремени жени. Авионот, прва со семејството, го напушти жена во 39-тата недела од бременоста. Блиску до породување кое ќе и се случи во бегалство, но сама го изоде патот до амбулантата на Итна помош.
Синот на бремената жена доби играчка од министерот Бујар Османи кој ги пречека бегалците на аеродром, но тој момент не може да се види од останатите членови на делегацијата збутани на минимално растојание околу луѓето кои излегуваа од авионот. Сите деца добија подароци, а според пописот во авионот имало 78 бегалци од женски пол и 71 од машки пол. 55 од нив се малолетни. Шефот на дипломатија за сите вети здравствена грижа.
И додека патниците од Авганистан се симнуваа по скалите за да се качат во аеродромските автобуси, на социјалните мрежи каде се вршеше пренос од дочекот, имаше и пораки за сочувство и добредојте, но имаше поплава од омраза, ксенофобија и навредливи мисли „бегалците да се вратат назад“. Дочекот сепак беше исполнет со порака за солидарност.
Од утрово почнува да им тече 90-дневниот период од издадената виза. Период од три месеци во кој западните држави треба да им ги одобрат заминувањето таму по привремениот престој во Македонија. Додека поминуваа покрај новинарските екипи, некои ни отпоздравија. Волонтери на Црвен крст ги прифатија и ги носеа кон хотелот на влез во Скопје, а за некои од нив тоа ќе биде прво сместување во соба откако со денови на отворено чекале лет за спас на аеродромот во Кабул.
Миомир Серафиновиќ
