Водата во Гостивар никако да не се користи за пиење, а не треба да се користи ни како техничка вода, затоа што сè уште е и хемиски и микробиолошки неисправна, вели министерот за внатрешни работи и раководител на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, Панче Тошковски по состанокот на Централниот кризен штаб во Гостивар попладнево.
Тошковски соопшти дека со помош на експертите од скопски Водовод е почнато чистење на водоводната мрежа и оти се надева дека гостиварци многу наскоро ќе добијат прво техничка, а потоа и вода за пиење. Секојдневно ќе се испитува квалитетот на водата и кога резултатите ќе бидат добри, ќе се дозволи користење.
–Се надеваме дека до крајот на оваа или почетокот на наредната недела би имале соодветна техничка вода која што би можеле да ја користат граѓаните на Општина Гостивар, а претпоставките се дека доколку сè биде во ред со соодветниот третман од страна на колегите од Јавното претпријатие Водовод Скопје, заедно со колегите од јавното претпријатие од Гостивар да можеме до крајот на наредната недела да имаме и вода за пиење, вели Тошковски.
Експертите од Скопски водовод велат дека почнале со хиперхлорирање на системот. Зголемените количини на хлор се во законски предвидените граници, не се штетни за граѓаните, но водата нема да може да се користи додека не се исчисти системот. Првичните тестирања покажале дека водата кај крајните корисници е и хемиски и микробиолошки неисправна, затоа што не е доволно дезинфицирана.
Одговарајќи на новинарско прашање, градоначалникот на Гостивар Валбон Лимани рече дека според неговите информации од комуналното претпријатие водата во Гостивар се тестирала најмалку еднаш неделно.
Резултатите од Центарот за јавно здравје Тетово покажувала дека водата е добра за користење пред да се утврди дека не е добра. Тошковски уверува дека ќе има одговорност за сите за коишто ќе се утврди.
Срѓан Стојанчов
