Министерот за здравство, Сашо Клековски ги нарече „слободни јавачи на епидемијата“ оние доктори кои објавуваат стручни мислења и совети за евентуални последици од консумирање на загадена вода преку социјалните мрежи.
„Би замолил да нема слободни јавачи на епидемијата. Гледам и доктори кои не се, условно кажано, епидемиолози и инфектолози, даваат различни совети и мислења. Знам дека вакви состојби се популарни за кликови и собирање лајкови, но би замолил граѓаните да ги следат службените упатства и официјалните канали“, порача Клековски на неодамнешната прес конференција.
Покрај насоките за граѓаните, тој додаде дека институциите постојано ја следат состојбата со водата за пиење во Гостивар.
„Во анализата на микробиолошката и вирусната состојба е вклучена и Инфективната клиника која има најширок панел на бактерии и вируси што може да се контролираат, нема вирус кој не може да биде детектиран. Водата ќе биде ставена во употреба кога ќе биде апсолутно сигурна. Не се утврдени агенси кои би предизвикале промена на клиничката слика после оваа ситуација. Од она што јас го имам видено како резултати, тоа се вируси и бактерии кои даваат веднаш клиничка слика, како што ја имаме, со стомачни проблеми и треска“, рече Клековски.
Следуваше одговор од дел од лекарите. Микробиологот Никола Пановски, меѓудругото, му порача на Фејсбук на Клековски да побара од медиумите да не го бараат за изјави.
„Јавно го замолувам министерот за здравство да ги предупреди медиумите да не ме бараат повеќе за совети и изјави. По моите настапи, одат кратки видеа, па лајкови, итн. Лајковите не зависат од мене, туку од медиумите. Досега изјави сум дал за Телма, Сител, Канал 5, МТВ, Алсат, Македонско радио, интервју за 24 вести, Слободен печат и многу други, на многу сум се извинил заради физичко отсуство. ТВ Алфа не треба да ја известувате, тие си ја знаат работата. Од денес нека си бараат исклучиво епидемиолози и инфектолози. Многу би ви бил благодарен, зошто навистина ми е тешко да ги одбијам, а тие инсистираат. Инаку мојот прв совет, да прогласите епидемија, го прифативте по 10 часа, истата требаше да се прогласи 2 дена порано. Мојот втор совет, веднаш да се објават резултатите, ОЈО го прифати по 10 часа. Конечно, зошто лица кои воопшто не се доктори даваат изјави и одговараат “хипотетично” за фекални бактерии, иако не се доктори по медицина. Мој последен совет, покрај, епидемиолози и инфектолози, ставете и стоматолози“, напиша тој.

Со реакција на реакцијата на Клековски се огласи и токсикологот Нико Беќаровски кој на социјалните мрежи коментираше за информацијата за зголемено ниво на арсен во водата во Валандово.
„Бидејќи сум само еден од 3 (трите) супспецијалисти клинички токсиколози во Македонија, „си дозволив” ЈАВНО да ги советувам граѓаните на Валандово“, напиша тој.

На Пановски и Беќаровски се надоврза и онкологот Милан Ристески кој продолжи со совети со пораката.
„Овој долг пост не е заради лајкови и им го посветувам на сите колеги кои полагале и положиле микробиологија, инфективно и епидемиологија без врски и без непотистичко влијание“, напиша Ристески како епилог на долгиот пост на Фејсбук.
С.Д.
