Американскиот претседател Доналд Трамп присуствуваше на церемонија во воздухопловната база Довер во сојузната држава Делавер, каде што беа пречекани посмртните останки на четворица американски војници, кои во средата беа вратени во САД во ковчези покриени со американското знаме, откако загинаа во ирански напади на Блискиот Исток.
Церемонијата се одржа во услови на растечко незадоволство од американско-израелската војна со Иран.
Војната досега ги чинеше американските даночни обврзници најмалку 37,5 милијарди долари, доведе до смртта на 18 американски војници, а во неа загинаа и илјадници Иранци.
И републикански и демократски членови на Конгресот поставуваат прашања за војната, која придонесе за раст на светските цени на нафтата и не покажува знаци дека наскоро ќе заврши.
Откако конфликтот започна во февруари, Трамп во повеќе наврати изнесуваше различни причини за водењето на војната.
Облечен во син костум и црвена вратоврска, Трамп стоеше мирно покрај пистата и оддаде воен поздрав додека тимови од по седум припадници на американската војска го носеа секој ковчег од авионот за време на церемонијата.
Членовите на семејствата, кои пристигнаа со колона комбиња, ја следеа церемонијата од кратко растојание додека ковчезите, покриени со американското знаме, еден по еден беа симнувани од авионот и внесувани во едно од двете комбиња.
