Хиперхлорирање на системот за водоснабдување во Гостивар и секојдневно наизменично тестирање на квалитетот на водата од три различни институции сè додека резултатите не покажат дека водата е исправна. Ова се двете клучни одлуки кои се донесени на денешниот состанок на Управувачкиот комитет.
Последните резултати од мострите кои се земени завчера покажуваат дека водата во гостиварскиот водовод е далеку од технички исправна.
„Согласно последните анализи што се добиени од Институтот за јавно здравје, водата сè уште не е исправна, не може да се користи ниту за пиење, ниту како техничка вода. Тоа се мостри кои се земени не вчера, туку завчера. Од девет точки од кои е земена мостра на првичната анализа од 24 часа, на пет точки е покажано присуство на штетни материи по животот на граѓаните“, изјави Панче Тошковски, директор на Управувачки комитет.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и лабораторијата на скопскиот водовод се трите институции кои ќе вршат секојдневно тестирање на водата од различни локации, а во зависност од резултатите, ќе се спроведува процесот на хиперхлорирање на системот.
„Сè додека не добиеме сигурни податоци во континуитет, по претходно извршено хиперхлорирање на системот, дека таа вода може првично да се користи како техничка вода, а понатаму како вода за пиење и тоа не го соопштиме јавно, ги молам граѓаните на Општина Гостивар, таа вода никако да не ја користат, особено за пиење. Она кое што е клучно за граѓаните, за колку време отприлика би требало да заврши овој процес на нормализирање на состојбите во Гостивар, кога ќе имаме реално исправна техничка вода и исправна вода за пиење, би требало во текот на утрешниот ден да имаме првична слика колку време ќе трае процесот и сигурно нема да биде ден-два. Ќе ни треба повеќе денови. Но, согласно експертите и нивните препораки на ваков начин ќе се санира овој проблем“, додаде Тошковски.
Сепак засега никој не може прецизно да одреди колку време ќе биде потребно со процесот на хиперлорирање комплетно да се исчистат сите цевки во водоснабдителниот систем.
Во меѓувреме, во Гостивар дневно ќе се носат по 60.000 литри флаширана вода за пиење кои ќе се дистрибуираат на одредените пунктови, а се прави план за обезбедување на техничка вода и во тој процес, покрај членовите на ЗЕЛС кои самите понудиле помош, со цистерни ќе помага и АРМ.
Истрагата веќе ја комплетира сликата околу одлуката да се постават пумпи во канал за отпадна вода.
„Немој да се сомневате дека ние ќе постапиме во целост согласно она што е дадено како наредба од Обвинителството и сметам дека и тоа како се обезбедени огромен број на докази. Ниеден кој што има директна или индиректна вина нема да биде поштеден“, порача Тошковски.
Бројките на здравствените власти покажуваат дека бројката на заболени е во пад, а од Управувачкиот комитет апелираат до гостиварци да продолжат да ги следат препораките и да не ја користат водата од чешмите.
Огнен Чанчаревиќ
