Вести Македонија Топ вести

Штипската болница привремено нема да прима пациенти со скршеници – невремето оштети дел од покривот на Ортопедија и операционалата сала

Пациентите со скршеници од Штип, Кочани, Струмица, Пробиштип, Свети Николе, Виница, Берово, Делчево и Пехчево од денеска нема да се хоспитализараат во штипската Клиничка болница. Силниот ветар, кој синоќа се движеше со брзина од 134 км./ч. ја оштети кровната конструкција, а лимот падна околу болницата. Оштетен е кровот во делот на Одделението за ортопедија и операционата сала.

„Ве замолуваме во текот на следните денови до санирање на нанесената штета, пациентите со скршеници да не ги испраќате во Клиничка болница Штип, бидејќи нема да можат да бидат адекватно третирани. Во следните денови ве замолуваме пациентите да ги препраќате во другите центри, со цел да го добијат соодветниот натамошен третман“, се вели во соопштението на Клиничка болница Штип.

Раководството на болницата тврди дека врнежите од дожд во текот на ноќта не направиле дополнителни штети, а 20-тината пациенти од Ортопедија се преместени по другите одделенија. Утринава проценители биле да ја проценат штетат, но и за колку време истата ќе може да се санира.

Во Штип од силниот оркански ветар оштетени се и кровните конструкции на училиштето „Ванчо Прке“ и на детската градинка „Вера Циривири-Трена“. Од силниот ветар синоќа во градовите и селата на Истокот летаа лимови, огради, паѓаа дрвја врз возила, објекти и домови. Штети на домовите и возилата пријавуваат граѓаните во општините, а јавните претпријатија ги исчистија сообраќајниците од паднати дрвја, кал и други предмети.

Големите штети од силниот ветар има и во Кочани, во Чешиново-Облешево, во Свети Николе и во Пробиштип. Дел од градовите синоќа немаа струја или вода за пиење. Но, во текот на денот е нормализирана дистрибуцијата до домовите на граѓаните и институциите. Општините ќе бараат помош од Владата и ЗЕЛС за санирање на големите штети на институциите.

Викторија Јованова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мал бетонски објект, метална врата и катанец како единствена заштита – до Комората во Вруток може да пристапи секој

Sasko Dimovski

Рокас повика на постигнување на консензус за носење на клучните закони

Sasko Dimovski

Згмечени автомобили, скинати кабли, блокирани патишта од покриви што летаа како да се од хартија – телефоните за пријавување на штети не престануваат да звонат

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе