Неочекуваната одлука на украинскиот претседател Володимир Зеленски да го замени популарниот министер за одбрана Михајло Федоров предизвика бран на незадоволство кај украинските граѓани и протести на дел од пратениците и припадниците на Украинската армија.
Група, претежно млади луѓе, протестираа вчера цел ден во Киев и во други украински градови, барајќи од Зеленски да ја промени одлуката за смена на Федеров.
До вечерните часови, Зеленски го предложи генерал-мајорот Јевхениј Хмара, вршител на должноста директор на Службата за безбедност на Украина (СБУ), за вршител на должноста министер за одбрана.
„Тој раководеше со Центарот за специјални операции „Алфа“ на Службата за безбедност на Украина (СБУ), кој постигна најдобри резултати во елиминирањето на окупаторските сили на фронтот. Единицата „Алфа“ постојано е на првото место според месечните резултати“ – изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Првичните шпекулации дека заминувањето на Федоров е поврзано со неговите несогласувања и конфликтот со главниот командант на Украинската армија, Олександр Сирски беа речиси целосно потврдени и од самиот Федоров и од Зеленски.
Федоров информираше дека му предложил на Зеленски да бидат сменети Сирски и началникот на Генералштабот, Андриј Гнатов.
„Кога претседателот рече дека нема намера да го смени Сирски, јас… реков дека ќе научам да работам со него“, изјави Федоров на својата прес-конференција. Но, тврди и дека „сите иницијативи што ги предложил биле блокирани“.
„Наместо да најде начин асиметрично да ја порази Русија – што е задача на главниот командант – тој најде начин да ја подели нашата земја“, рече Федоров, мислејќи на Сирски.
35-годишниот Федоров, кој беше назначен на функцијата во јануари оваа година, се смета за човек што внесе нова енергија во Министерството за одбрана. Тој беше заслужен за засилување на борбата против корупцијата и за користење на податоците од фронтот за анализа и подобрување на резултатите на борбените единици.
Н.И
