Вести Македонија Топ вести

Ограничениот напредок во заштитата го става Охрид на Листата на светско наследство во опасност

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО по втор пат бара Охридскиот регион да се впише на Листата светско наследство во опасност. За оваа одлука ќе се решава на престојната 48. сесија на Комитетот, што ќе се одржи од 19 до 29 јули во Бусан- Јужна Кореја. Комитетот за светско наследство одлуката ја темели на, како што вели,  ограничениот напредок во заштитата на Охридскиот регион, нотирајќи ги ризиците за кои реагираа реактивните мисии што го посетија регионот.

Природното и културното наследство на Охридскиот регион да се впишат на Листата- Светско наследство во опасност. Вака гласи одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, во пресрет на неговата 48 сесија што ќе се одржи во Бусан- Јужна Кореја од 19 до 29 јули. Во одлуката за Охридскиот регион, за која што ќе се гласа на 48 сесија, се вели дека има ограничен напредок во справување со идентификуваните и со заканите што се повторуваат и се очекува со впишување на регионот на Листата на светско наследство во опасност, тој да добие поголема заштита.

„Со оглед на ограничениот напредок во справувањето со идентификуваните и повторувачките закани, Центарот за светско наследство и советодавните тела сметаат дека условите за такво запишување, во согласност со ставовите 179 и 180 од Оперативните упатства, продолжуваат да се исполнуваат, и дека запишувањето на Листата на светско наследство во опасност би можело да придонесе за посилна мобилизација и порешителна акција за запирање и враќање на тековната деградација на имотот“, утврди Комитет за светско наследство на УНЕСКО.

Нелегалните градби и проблеми со урбанизацијата, нерешените проблеми со загадувањето и отпадните води, отсуството на оценка за животната средина и незакајната прекугранична координација со Албанија, која од 2019 година е вклучена во Охридскиот регион поради нејзиниот дел од езерото , се нотираните ризици во одлуката на Комитетот за светско наследство.

Тој бара двете држави да развијат заеднички корективни мерки за прекугранична соработка, со јасен временски рок за имплементирање , врз основа на препораките на реактивните мисии од 2020 и 2024 година и нов извештај до 1 февруари 2027 година, за состојбата на зачувување на наследството и спроведување на мерките.

Комитетот и минатата година, пред 47. сесија предложи Охридскиот регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. Но, по доставениот амандман од нашата влада, УНЕСКО им даде уште една година на Македонија и Албанија за надминување на проблемите.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Скендербег, Мисирков, Мајка Тереза се меѓу новите имиња на улици во Тетово

Sasko Dimovski

Братучед полицаец не ѝ помогнал, сведочеше жртва од пожарот во „Пулс“

Sasko Dimovski

Стeвчо Јакимовски се пријави во затворот во Шутка, потврдија од скопскиот затвор за Телма

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе