Братучетка сведочеше против обвинетиот полициски службеник Мазлум Рамаданов. Не ѝ помогнал откако едвај се спасила кога избил пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Малолетничката Мелиса Прошева со изгореници на главата и на раката била заглавена во толпата на излезот на дискотеката, а откако ја извлекол еден од обезбедувачите, неможејќи да застане на нозе го забележала нејзиниот втор братучед и му побарала да ѝ даде вода од пакетот со шишиња во близина.
„Јас му побарав на Мазлум да ми даде едно шише со вода и тој ми се обрати од кај да ти најдам шише вода и повеќе вечерта не го видов. Ѝ се јавил на мајка ми веќе кога стигнав во болница без негова помош“, сведочеше Мелиса Прошева.
Рамаданов кој не бил во униформа потврди дека Прошева му се обратила за помош и дека ја однел кај другите повредени за да ѝ се укаже лекарска помош. Тој ја обвини дека лаже и дека сака да му наштети. Неговиот адвокат Зоран Зафировски тврди дека имаат докази со кои се дискредитира сведочењето.
„Се докажа дека истиот има директно помогнато на тоа лице со тоа што заедно со друго лице ја има однесено до паркингот, односно до патот каде што била качена во возило по што веднаш има ѕвонето на нејзините родители, ги има известено дека се наоѓа во вонживотна опасност и да се упатат во болницата за да бидат со неа. Сметаме дека резултатот на сведочењето се нарушените меѓусебни семејни односи“, изјави адвокатот Зафировски.
Првиот сведок, малолетната Анабела, ја посочи една од обвинетите полициски службенички дека ја видела како стои на патот покрај „Пулс“. Обвинетата не била во униформа, но ја препознала подоцна кога им биле дадени фотографии од полициски службеници додека давала исказ за трагичната вечер. Полицајците се обвинети за тешки дела против општата сигурност.
Марија Митевска
