На месец и пол пред да застари предметот екс премиерот Никола Груевски доби ослободителна пресуда за предметот Талир 2. Судијката Даниела Алексовска Стојановска ја одби и конфискацијата на партиското седиште на ВМРО ДПМНЕ. Повеке од еден час објаснуваше зошто во 2022 пресудила 6 години затвор за екс премиерот а сега ослободителна. Како главна причина ги наведе измените на КЗ од 2023 поради кои обвинителството и го преквалификуваше делото.
„Ваквата ослободителна пресуда е исклучиво резултат на донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик во 2023 година, а како директна последица на кој што беше и укинувањето на првостепената пресуда во овој предмет, како што тоа го констатира и Апелациониот суд Скопје во својата одлука.
Судот ќе истакне дека и покрај тоа што оваа пресуда е сосема различна од претходно донесената во конкретниов предмет, сепак анализата и оценката на доказите, утврдените факти и заклучоците изведени од страна на судот останаа непроменети, така што при постоење на истите докази, врз основа на кои судот претходно утврди дека е сторено предметното кривично дело со искористување на службената положба и овластување, цени дека при постоење на истите тие докази, не се докажа надвор од разумно сомнение дека делото е сторено со друг вид на дејствија, односно со пречекорување на овластувањата и со неизвршување на службената должност“, рече судијката Даниела Алексовска Стојановска
Според обвинението договорот со Бетон за изградба на партиското седиште на ВМРО ДПМНЕ бил направен спротивно на законите за Финансирање на политички партии и за Облигациони односи а партијата стекнала над 507 милиони денари.( над 8 милиони евра)
Со денешната пресуда покрај тоа што падна и конфискацијата, државата ќе треба да ги надомести и трошоците за судењето кое почна во 2018 година, а Апелација ја укина осудителната пресуда пред две години. Првично беше обвинет и екс генералниот секреатр на партијата Кирил Божиновски кој првично доби условна казна, а по законските измени му застаре делото. Пред крајот на судењето дојде и до промена на обвинителот. Ленче Ристоска си поднесе оставка откако државниот обвинител ги повлече овластувањата на обвинителите кои судеа предмети од обвинителства кои не им се матични и остана без предметите Талир 1 и 2, а претходно и Советот на јавни обивнители не утврди дека премиерот ја нарушил нејзината самоостојност.
Обивнителството е на потег дали ќе се жали но делото застарува на 31 август годинава.
Судијката Алексовска Стојановска лани беше на мета на критики од владеачката ВМРО ДПМНЕ кои бараа Судскиот совет да ја разреши по пресудата за Јованов на кој му определила поправен дом, а тој подоцна ја прегази Фросина Кулакова. Држеа и прес конференции со обвинување дека во нејзиот семеен дом во Ранковци бил сместен штабот на СДСМ.
Елена Ивановска
