Вести Македонија Најважни

Опозицијата бара извинување од Стоилковиќ за навреди и пцости кон пратениците Трајчулевски и Битиќи – тензии во парламентот

Инцидент се случил на паузата од собраниската седница за реконструкција на владата, алармираа пратениците од опозицијата. Кандидатот за министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ упатил пцости и навреди кон пратениците од СДСМ, Митко Трајчулевски и Фатмир Битиќи, објави на
прес-конференција координаторот на пратеничката група, кој побара извинување. Реагираа и за навредите на премиерот Мицкоски кон овие пратеници.

  • „Тоа претставува говор на омраза веќе, којшто сигурно дека може да роди насилство. И тоа што следеше по прекинувањето на седницата беше вистински напад, не само вербален, од страна на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, којшто се нафрли врз двајцата пратеници — не само
    физички, вербално и со пцости. Мислам дека тоа не доликува на кандидат за министер којшто треба ова Собрание да го избере“ – Оливер Спасовски, пратеник на СДСМ.

Ова следуваше по попладневната дискусија во која премиерот им реплицираше на пратениците кои ја критикуваа владината реконструкција.

  • „Милуваат ова да го наречат ‘нова енергија’, но енергија без инклузивни вредности завршува во самоволие, чија цел е коалициските партнери да се сведат на протоколарна присутност, а секоја плуралност што не се вклопува во тесниот поглед да биде дисциплинирана или декоративна“ – Фатмир Битиќи, пратеник на СДСМ.
  • „Дури и овој фрустриран мизоген лик во политиката единствено ќе остане препознат по тоа што најчесто својата етничка припадност ја користи за да ги покрие своите слабости“ – Христијан Мицкоски, премиер.
  • „Очекувано е и назначувањето на Стоилковиќ за министер за локална самоуправа, со што Српскиот свет во Македонија добива позиција гувернер на 80 македонски општини“ – Митко Трајчулевски, пратеник на СДСМ.
  • „Не ви сметаше да трчате на Бања да го убедувате и да нудите сѐ и сешто за да гласа за промена на името? Тогаш не ви сметаше Иван Стоилковиќ? Не ви сметаше кога трчавте по Скопје и по Куманово да го молите, да коленичите пред Иван Стоилковиќ да гласа за промена на името? И знам дека ве одби човекот затоа што има карактер, има достоинство. Сите овие работи коишто јас ги зборувам се карактерна особина на вас, односно на Владата во којашто вие бевте државен секретар во Министерството за транспорт или паљур на фамилијата од Струмица“ – Христијан Мицкоски, премиер.

По инцидентот, кој според пратениците се случил во клубот на пратеници, опозицијата со забелешки до собранискиот спикер побара да преземе мерки, да се прекине седницата и да има вонредна координација.

  • „Додека бевме во салата немаше никаков инцидент. Јас многу лошо се чувствувам заради тоа што се случило. После тоа разбрав, после паузата, и дискутирав и со пратеникот Фатмир Битиќи — значи ќе се преземат сите мерки според етичкиот код каде што сме го донеле заедно“ – Африм Гаши, претседател на Собранието.

По координацијата, во име на парламентарното мнозинство се обрати координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, но од опозицијата реагираа дека тоа не било договорено. Инсистираа да има извинување од Стоилковиќ.

  • „Во име на парламентарното мнозинство, сакам јасно и гласно да кажам дека не одобруваме никакво однесување спротивно на принципите што ги заговаравме во етичкиот кодекс и согласно деловникот за заштита на угледот и дигнитетот на Собранието од сите присутни во
    Собранието“ – Никола Мицевски, координатор на ВМРО-ДПМНЕ.
  • „Ти излезе тука, не го кажа тоа што требаше да го кажеш. Ти не си виновен во никој случај. Друг треба да побара извинување. Еднаш тој што доаѓа за министер треба да побара извинување што го направи цело ова, а потоа и премиерот. Значи бараме од премиерот да преземе мерки. И ако вие продолжувате со ова…“ – Рина Ајдари, пратеничка на ДУИ.

Откако Гаши сепак ја продолжи седницата, пратениците од СДСМ и ДУИ ја напуштија салата, а пред нив и пратениците на Алијанса за Албанците.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Остра реакција од Сојузот на борци за разобличување на предлогот на ДУИ

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Дејан Дејан

Реконструкцијата е вовед во предвремени избори критикува опозицијата, но за власта е нова фаза во развојот на државата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе