Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово будно ги следи сите изјави, реакции и настани од денот на укинување на неуставната и незаконска одлука за промена на имиња на улици во Тетово донесена од Советот на Општина Тетово во 2007 година.
Реакција од Сојузот на борци Ви ја пренесуваме во целост:
Сите да знаат дека 2026 година не е 2007 година. Револтот од сегашноста го надмина стравот од минатото кај граѓаните на Тетово, па денес никој нема да молчи. Ниту еден обид за историски ревизонизам, за оживување на поразените сили, за рехабилитирање на поединци дел од антидржавни проекти, движења и организации од било кој историски период, за промовирање на фашизмот и балистичките фашисти, за истакнување на терористи, озогласени злосторници кои кренале рака на народот и државата нема да помине. Исто така, во унитарната Македонија, каде рамноправно живее македонскиот народ со граѓаните од албанска, српска, турска, ромска, босанска и друга припадност, притоа градејќи ја македонската нација во современа, демократска и суверена држава, именувањето на улици во градот Тетово, со име на поединци со заслуги кои не се врзани со македонската нација, немаат универзално значење, туку се тесно врзани со историјата и општествените текови (или само со нивното еднострано толкување) на други држави и региони како Албанија, Косово и слично, не е прифатливо. Секој треба да знае дека во државата Македонија секој формален и неформален гест, секое именување на инфраструктурен објект мора да се гради низ официјалниот македонски историски наратив, а не истиот да се стави во сенка на нечии романтичарски, политички или популистички желби. Ова е држава со свој уставно-правен поредок и историско-правен развој, а не мегдан за лечење на фрустрации, на начин кој не е дозволен никаде, во ниту една држава во светот.
Денес јавно, јасно и гласно ги поставуваме следниве прашања:
Што значи терминот „Илирија“ на македонски јазик, за главниот градски булевар да го носи тоа име, исто како и плоштадот? Кое е значењето на овој збор?
Која е оправданоста протагонистот на призренската лига Абдул Фрашери, без никаква поврзаност со Тетово, ниту со Македонија, да го замени името на славниот тетовски партизан Радован Цониќ, кој на 27 април 1943 во својата младост загинал во Ново Село во борби против фашистите – балисти, борејќи се за слобода на градот Тетово и на татковината Македонија?
Со кое право би се избришало името на народниот херој Иво Лола Рибар симболот за младешкиот отпор низ сите земји на светската антифашистичка коалиција, човекот кој загинал на 27 години за слобода, за да се стави името „Дашморет е комбит“ (непреведено, а напишано на кирилица во одлуката од 2007 год.), кое нема никакво значење, а во превод значи „жртви од војната“, а не се знае, иако се претпоставува кој со ова треба да се прикаже како жртва?
Предложувањето улица да носи име на Мехметриза Муртезани Гега или на Абдула Калишта, е само јавно поддржување на сепаратизам, иредентизам и тероризам. Тој човек е само некој кој дејствувал против државните обележја и институции, а за сметка на обележја на други земји, без никаква заслуга за градот, народот и државата. Настаните од 1968 година се јасно претставени во историјата, па на овој начин се оди на нејзино ревидирање и рекомпонирање.
Предлогот оџите Махмуд Аслани, Реџеп Вока, Али Ефенди Метешеху, Хаџи Бари Ганија да добијат улица во Тетово е дел од тенденцијата за промовирање на нова исламизација. Предложените немаат општествени заслуги, туку само труд во религиското делување. Каде е името на Св. Кирил Тетоец – првиот канонизиран христијански светител од Тетово, каде е името на историски значајниот Митрополит Кирил, имињата на славните лешочки игумени? Еднострано наметнување на исламски дејци е тенденциозно.
Предложувањето улица да носи име „Чемерија“ е дел од долгогодишниот сон за т.н. „Голема Албанија“. Чемерија е термин употребуван од албанците за територијата во Грција за која сметаат дека треба да биде обединета во големата албанска држава. Зошто во Тетово било која улица би се викала „Чемерија“ и каква врска имаме ние со тоа? Во таа насока е и предлогот улица да носи име ЛПК по името на политичката организација од Косово, од која е создадена терористичката УЧК, чие делување нема никаква логика да биде славено во Тетово и низ Македонија, а само говори исто така за сецесионистичките аспирации на големоалбанските националисти.
Се предложува и името на милитантот Иса Болетини албански борец од Косово, кој нема заслуги за градот Тетово, ниту на било каков начин е поврзан со Македонија. Истото важи и за Авни Рустеми, милитант и активист од Албанија, или за предложениот Шех Мустафа активист на призренската големоалбанска лига.
Предложувањето на Џафер Сулејмани фашистичкиот градоначалник од времето на окупацијата за време на Втората светска војна е срамен чин. Човекот кој го водел градот во време на окупација не смее да добие таква чест. Тој е симбол на укинатата слобода и на сите ѕверства што тогашната управа на градот ги дозволила на недолжното цивилно население. Каде се имињата на градоначалниците од сите етникуми по ослободувањето како Илија Стојчевски, Иса Селмани, но и оние кои го одбележале периодот на галопирачки развој на градот како Кочо Тулески?
Неприфатливо е именувањето на улица и со името на Јусуф Реџепи, фашистички италијански шпион и балистички подофицир, кој по ослободувањето добил втора шанса од државата, а никогаш не и возвратил со лојалност. Истото важи и предложувањето на името на сепаратистот и активистот за поделба на Македонија и формирање на т.н. „Голема Албанија“ Шереф Казази, осуден криминалец.
Брутална навреда кон колективната меморија е предложувањето улица да носи име на терористот на ОВК Мујдин Алиу, по чие име подоцна беше именувана најкрволочната бригада на терористичката УЧК која ги изврши ѕверствата во Карпалак, Вејце и на други места врз припадниците на безбедносните сили на Македонија, хероите бранители и недолжното цивилно население.
Дрзок е предлагачот кога исто така го предлага името на Александар III Македонски, но именуван како Leka I Madh, термин измислен од големоалбанската матрица за присвојување на македонското античко наследство и промовирање на неточни тези за негово илирско потекло и родено име Лека.
Во срамниот предлог е вклучено и името Фадил Сулејмани, кој го предводел незаконски основаниот т.н. Тетовски универзитет надвор од законската рамка, па во целосна илегала и злоупотребувајќи ја положбата успеал за 4 месеци на својот син да му издаде факултетска диплома. Тука се надоврзува и името на Абдулселам Емини со еднаков општествен придонес и релевантност како и Сулејмани.
Предложеното име на признатиот фармацевт од САД Ферид Мурат нема никаква врска со градот Тетово. Неговиот татко е по потекло од Гостивар. Истото важи и за лингвистот Екрем Чабеј или предложениот актер Беким Фехмиу, историчарот Марин Барлети, албанологот Едит Дурам, поранешниот премиер на Албанија Исмаил Ќемали кои немаат никаква врска со Тетово, ниту со било кој град од Македонија.
По целосното разобличување, упатуваме порака до Владата и до советниците во Советот на Општина Тетово, да покажат дестоинство и интегритет, да отфрлат секаков предлог кој само значи легализирање на големоалбанскиот национализам, сепаратизам и бализам.
