Левица најавува уште еден обид во последен момент да се постигне консензус за Изборниот законик. За утре иницираат координативна средба на сите опозициски партии, на која ќе се обидат да ги усогласат ставовите и да формулираат заеднички предлог, што ќе биде доставен до владејачкото мнозинство.
„Нашата цел не е уште една политичка средба без исход, туку сериозен обид опозицијата да застане зад најголемата демократска реформа на изборниот систем – една изборна единица. Доколку постои добра волја, понеделник може да биде почеток на процес што конечно ќе ја воспостави еднаквоста на секој глас. Левица ќе направи сѐ за да се изгради заедничка позиција околу една изборна единица“, соопштија од Левица.
Од оваа партија реагираат дека е несериозно мнозинство да се повлекува од процесот и одговорноста да ја префрли врз опозицијата, затоа што Изборниот законик е еден од најважните закони во секоја демократија.Но, ВМРО-ДПМНЕ не отстапуваат од ставот.
„Нашиот став е јасен, нека седнат и нека се договорат, а ние тоа ќе го прифатиме. Доколку не го направат тоа, одговорноста да не се донесе нов Изборен законик ќе биде на СДСМ, Левица и ДУИ, изјави Валентин Манасиевски“, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ тврдат дека немаат добиено никаква покана за средба. Дали ќе учествуваат, ќе одлучат кога ќе ја добијат. И денеска го повторија ставот за електронско гласање на дијаспората, што е црвена линија на ВМРО-ДПМНЕ.
„Дијаспората гласа и сега а она што Мицкоски го предлага е механизам за кражба и токму тој обид СДСМ се обидува да го спречи“, изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
Кузеска повтори дека, се инсистира на ова поради намерата на власта да распише предвремени парламентарни избори кон крајот на оваа или на почетокот на следната година. Владејачкото мнозинство, пак, демантира.
„Таа одлука не зависи од нас, иако ние сме секогаш подготвени. Дали е момент з апредвремени избори?Сметам дека е момент за работа за граѓаните да почувствуваат уште бенефит од оваа власт“, изјави Максим Димитриевски, претседател на ЗНАМ.
Од ЗНАМ поддржуваат една изборна единица и електронско гласање на дијаспората, но не и на локални избори. ВМРО-ДПМНЕ, пак се изземаа од процесот на носење на нови изборни правила и им оставија на опозициските партии да се договорат.
Утрешниот ден е краен рок да се постигне консензус за да може законот да се донесе во среда.
Далиборка Демјанска Цветановска
