По втор пат во Тетово се одржа протестен марш по градските улици, по повик на опозициската ДУИ, како знак на револт поради тоа што Уставниот суд ја укина, како незаконска, одлуката на Советот на Општина Тетово од 2007 година за преименување на десетина улици.

Собирно место беше плоштадот, по што групата од неколку стотини учесници се движеше по булеварот „Маршал Тито“ до пазарот, а протестот заврши пред зградата на Општина Тетово.
Како и на протестот на 26 јуни, беа извикувани пароли. Дел од учесниците, кои носеа транспаренти, ги оставија пред влезот на општинската зграда, а на стаклата беа залепени различни пораки со политичка содржина.

Уставниот суд ја укина одлуката за имињата на улиците, донесена во време кога градоначалник на Тетово беше Хазби Лика од ДУИ, со образложение дека локалната самоуправа ја донела одлуката без потребната согласност од Владата. Со тоа е повредено начелото на владеење на правото, утврдено во Уставот. Прекршен е и Законот за определување имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.
Александар Самарџиев
