Изборниот законик останува блокиран, реформите ставени на чекање. Мнозинството и опозицијата сè уште не можат да се најдат на половина пат со барањата. Промена во ставовите нема ниту по денешниот нов состанок на ниво на координатори на пратеничките групи во законодавниот дом. Судирот на мислења е околу неколку услови. Од мнозинството денеска со нов предлог до опозициските партии.
„Гледаме дека платформите им се исти, но се разликуваат во деталите. Да седнат да се договорат за една изборна единица, да седнат да се договорат за модел на финансирање, да седнат да се договорат за поплаките и начинот на којшто тие би биле прифатливи и да седнат и да се договорат дури и за моделот на изјаснување на дијаспората. Сето тоа коешто овие опозициски партии ќе го понудат до нас преку еден пречистен текст на закон, ние тоа ќе го прифатиме“, кажа Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Важно е дијаспората да има можност да гласа без разлика дали преку електронско гласање или по пошта, но да бидат безбедни, транспарентни и сигурни форми во согласност со меѓународните стандарди“, вели Беким Ќоку, пратеник од Вреди.
Опозицијата не ги менува позициите. СДСМ предупредува за отворање простор за изборен грабеж. Социјалдемократите велат: нема што да се договараме, проблемот е во власта.
„Сега се во паника, ја губат поддршката на граѓаните и затоа измислуваат секакви изговори и секакви модели, само да ја исполнат целта да отворат простор за изборен инженеринг. На еден ваков шверцерски начин да се носи закон којшто треба да се применува од 2029 година, без консензус, без механизми за надзор, за нас е неприфатливо“, вели Јована Тренчевска, пратеничка од СДСМ.
Левица бара правична распределба на финансиите и модел со една изборна единица. Вакви прашања не се решаваат во едно попладне вели пратеникот Крмов.
„Ние како партија Левица мораме да кажеме дека имаме едно основано сомневање дека сепак тука постои договор помеѓу поголемите партии околу тоа една изборна единица да не помине. Од нив се бара усогласување на опозициските партии и јас не знам тоа како ќе се изведе. Ќе видиме дали повторно ќе имаме некој повик да се собереме и да разговараме“, кажа Борислав Крмов, пратеник од Левица.
ДУИ е на став дека преговорите не пропаднале по вина на сите, туку поради повлекувањето на одредени политички партии од ставовите за кои претходно бил постигнат договор. Стравуваат од можност за политички инженеринг и надгласување во Државната изборна комисија.
„ВМРО-ДПМНЕ се повлече од две суштински точки на договорот. Прво, од електронското гласање на дијаспората, барајќи гласањето да се спроведува по пошта. И второ, од договорот подзаконските акти на Државната изборна комисија што се однесуваат на електронското гласање на дијаспората да се донесуваат со консензус, барајќи тие да се усвојуваат со мнозинство гласови. За нас ова е неприфатливо“, вели Рина Ајдари, пратеничка од коалицијата Европски фронт.
Новоформираната Албанска лига и пратеникот Зијадин Села бараат отворени листи, осум изборни единици, а за гласањето на дијаспората имаат свои услови од кои нема да отстапат.
„Ние инсистираме дијаспората да има право да гласа електронски или по пошта на претседателски, парламентарни и на локални избори. Тоа е причината зошто ние ја блокираме комисијата и сè додека не се даде тоа право, можат да постигнат колку сакаат договори, ние сепак ќе ја блокираме комисијата и нема да дозволиме да помине овој Изборен законик“, рече Зијадин Села, пратеник од Албанска лига.
Првичниот рок за носење на законот беше 30 јуни минатата година. Грејс-периодот помина пред една недела, а власта калкулира дека со евентуално носење до 15 јули ќе може да ја исполни обврската и да ги побара парите од ЕУ.
Петар Догов
