Општина Чаир и Град Скопје си ја префрлаат одговорноста кој треба да ја урива доградбата дивоградба врз станбена зграда на скопски Бит-пазар. Во Чаир го вперуваат прстот во градските власти, во Градот, пак, велат дека Општината треба да побара уривање.
Општинскиот инспектор уште во јануари годинава констатираше дека се работи за дивоградба. Во Чаир велат дека ги завршиле сите постапки што се во нивна надлежност и оти предметот е доставен до Град Скопје, согласно договорот за меѓуопштинска соработка.
„Како што беше постапено и во случајот со објектот „Али Тобако“, очекуваме Град Скопје, во рамки на воспоставената соработка, да ги преземе потребните активности и за овој предмет“, велат во Општина Чаир.
Минатата недела, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се пофали дека си пружил рака со сопственикот на „Али Тобако“, кој со години го узурпираше тротоарот на Бит-пазар и се договориле сопственикот сам да си го урне нелегалниот објект. Тобакото се премести во блиските дуќанчиња, а објектот на тротоарот беше урнат.
За уривање на доградбата на Бит-пазар, во Град Скопје велат дека е надлежен градежниот инспектор од Општина Чаир.
„Градот, преку ЈП „Улици и патишта“, постапува исклучиво по добиен налог од надлежниот градежен инспектор. По прием на таков налог, ЈП „Улици и патишта“ ги презема потребните активности за извршување на уривањето“, велат во Град Скопје.
Општина Чаир во февруари издаде налог за уривање на дивоградбата за која не утврдија кој ја гради, па во март распиша тендер за избор на фирма за уривање. Тендерот пропадна зашто никој не се пријави. Потоа, за решавање на тој проблем, склучија договор за меѓуопштинска соработка со Град Скопје.
Скоро сите скопски општини имаат договор за меѓуопштинска соработка со Град Скопје за дивоградбите на нивна територија да ги урива ЈП „Улици и патишта“. На овој начин веќе беа урнати бесправно изградени објекти во Карпош и во Центар од кои најпознати се дискотеките во Градскиот парк. На нивно место треба да се изгради новиот Луна Парк.
Град Скопје нема градежни инспектори, но нивните јавни претпријатија имаат механизација. Кога општините ќе го наплатат уривањето од сопствениците на дивоградбите, тогаш ќе му платат на „Улици и патишта“, но упатените предупредуваат дека наплатата на трошоците оди многу тешко.
Срѓан Стојанчов
