„Додека државата тоне во енергетска несигурност, Телма објави дека МЕПСО минатата година ја активирал банкарската гаранција на хрватски Далековод која работеше на далноводот Скопје–Велес, а во меѓувреме на истата фирма и додели 19,3 милиони евра договор за енергетско поврзување со Албанија. Ова не е случајност, ова е апсурд!
МЕПСО и Бурим Латифи треба јавно и детално да и ги објаснат на јавноста причините за активираната гаранција на фирмата, во услови кога и е доверен многу поголем стратешки проект“, пишува во писмената реакција на ДУИ.
Од партијата посочуваат дека „поради активирањето на банкарската гаранција, постои основан страв дека хрватски Далековод може да не биде во состојба да го реализира на време и без проблеми проектот за енергетско поврзување со Албанија“ и прашуваат каква порака се испраќа до јавноста и инвеститорите ако државниот преносен оператор ги казнува изведувачите во еден проект, а го наградува истиот сектор со нов, сомнителен договор? Дали националните интереси и енергетската стабилност се ставени на страна во корист на странски или политички бизнис-интереси?
„ДУИ веќе предупреди: под раководство на неспособниот Бурим Латифи, МЕПСО нема да донесе реални решенија за поврзување со Албанија. Денешните наоди ја потврдуваат нашата загриженост, поврзувањето со Албанија ќе остане нереализирано бидејќи одлуките не се базираат на стручност, а не на партиски или лични интереси“, велат од партијата.
За ДУИ, посебно загрижува што новиот договор е потпишан со конзорциум со други две компании за кои постојат сериозни индиции за поврзаност со структури блиски до Милорад Додик и Александар Вучиќ, а откако МЕПСО го раскина договорот со фирмата Енергоинвест, по што оваа компанија тужи пред меѓународни судови и постои реална можност државата да плаќа милиони евра отштета за штета.
Тие ја повикуваат Државната комисија за спречување корупција, Јавното обвинителство и Министерството за енергетика итно да иницираат независна ревизија на одлуките на МЕПСО, да ги проверaт процедурите за избор на изведувач и да објават сите релевантни информации за финансиски и деловни поврзаности.
