Илјадници амандмани чекаат да бидат архивирани и преведени на албански јазик за да почне работата на Комисијата за политички систем. Координаторите на пратеничките групи во Собранието ниту денеска не постигнаа договор за измените на Изборниот законик.
Спорно остана електронското гласање на дијаспората, кое е црвена линија на ВМРО-ДПМНЕ за договор, но и целосно неприфатливо за СДСМ. Претседателот на партијата денеска изјави дека ќе ги блокираат измените, затоа што предложеното решение не е доволно безбедно и остава простор за злоупотреби.
„Зошто гласачот дома своето право на глас да го остварува со сериозни проверки на идентитетот, преку фингерпринт, а спротивно на тоа, иселениците од земјава да гласаат без никаква контрола?“, праша Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Како соломонско решение, Филипче предлага гласањето на дијаспората да се тргне од законот и да се формира нова работна група да работи на сите отворени дилеми. Премиерот, пак, е подготвен да ги прифати сите барања на СДСМ и на Левица, но не отстапува од намерата да ѝ се овозможи на дијаспората да гласа електронски. Негираше дека измените се прават затоа што тој планира да се кандидира на претседателските избори.
„Прво, немам намера да се кандидирам во 2029 година за претседател на државата. Кога ќе ми заврши мандатот како претседател на Владата, се враќам на факултет. Второ, кога зборувам за прифаќање на нивните предлози, сè што ќе предложат, ќе им прифатиме, освен гласањето на дијаспората и, трето, мораме сите заеднички, бидејќи сите го правевме, да се потпишеме како поднесок на истиот тој закон“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Од Левица, кои цело време учествуваа во работната група која ги подготвуваше измените, а во последен момент се предомислија, обвинуваат дека се колатерална штета.
„Електронското гласање е „чист каприц“ на ВМРО-ДПМНЕ со цел да ги минира преговорите и единствен оштетен од ваквиот исход е Левица“, изјави Димитар Апасиев, претседател на Левица.
Изборниот законик е еден од петте закони кој, според новиот собраниски Деловник може да биде блокиран, односно за него нема временско ограничување на дискусијата. Ова значи дека опозицијата може да поднесе многу амандмани и бескрајно да дискутира или да молчи за тој никогаш да не биде донесен. Доколку сите останат на своите позиции, на сила ќе остане сегашниот Изборен законик.
Далиборка Демјанска Цветановска
