Златко Перински ќе биде в.д. директор на Фондот за здравствено осигурување до изборот на нов директор по распишувањето на јавен оглас. Според договорот за реконструкција на владата меѓу коалиционите партнери, Иван Стоиљковиќ се сели од министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во Министерството за локална самоуправа, а Златко Перински од таму заменува на директорското столче во Фондот за здравствено осигурување на местото на Сашо Клековски, кој станува министер за здравство.
Директорските позиции во јавните претпријатија, фондови, агенции традиционално се дел од партиските пазарења, заедно со министерските, заменик министерските и позициите државен секретар, и покрај барањата за мерит систем, односно за избор на најдобрите кандидати.
Сепак, Законот за ФЗО предвидува директорот да се бира преку јавен оглас, па хипотетички може да се пријави и подобар кандидат. Во Владата велат дека целосно ќе го запазат законот.
„Назначувањето на директор на Фондот за здравствено осигурување е дел од процесот на реконструкција и кадровско екипирање на институциите, кој Владата го спроведува согласно законски надлежности и утврдени процедури, но и подразбира политички процес чиј легитимитет се добива на избори. Во конкретниот случај, станува збор ново кадровско решение што е законски механизам кој овозможува непречено функционирање на институцијата до завршување на редовната постапка за избор на директор. Во следната фаза ќе биде спроведена постапката предвидена со закон“, велат во Владата.
Собранието минатата недела го изгласа Законот за високи раководители, како дел од реформската агенда. Тој закон предвидува в.д. директорите да се бираат од редот на вработените во институцијата. Сепак, не се однесува на сегашните именувања, затоа што почнува да важи од 1 октомври.
„За мене ова претставува испраќање на неконзистентна порака од Владата. Од една страна гордо искомуницираa дека се носи нов закон за висока раководна служба и конечно се воведува меритократија, односно дека изборот и именувањето на менаџерски кадри во агенции, фондови, инспекторати ќе се прави врз основа на стручност и искуство, а од друга страна, во првата следна прилика каде што имаа можност да ја покажат оваа нивна посветеност кон водење на нова кадровска политика, одлучуваат да прибегнат кон стариот добар начин на именување партиски кадри без притоа да се следи постапката којашто постои и сега“, вели Марија Мирчевска, Институт за демократија Социетас цивилис.
Според тој закон, именувањето на директорите во државните органи и фондови ќе оди преку јавен оглас, па ќе следуваат интервјуа и можно тестирање. Невладините имаа забелешки и на тој закон, затоа што предвидува Комисијата која ќе го спроведува изборот да биде формирана од Генералниот секретар на Владата. Новиот закон не може да ги спречи партиските именувања на високи раководители, но може да го закомплицира процесот.
Срѓан Стојанчов
