Видеа од објави на профилите на „Пулс“ на социјалните мрежи низ годините наназад беа изведувани на денешното рочиште на судењето за пожарот во кој животот го загубија 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени. Обвинителот Дарко Јакимоски ги потенцираше фотографиите на кои се забележуваат прскалки во објектот, но забележуваат промени во внатрешноста пред и по реновирањето во 2024 година.
Тој посочи дека на видеата може да се видат околности што се однесуваат на безбедносно значајни аспекти за работењето на овој клуб, правно легитимиран како кабаре. Одбраната имаше бројни забелешки и приговори за овие докази
„Ако обвинителството сакаше преку ФБ клипчиња кои ги користел клубот за рекламирање на социјални мрежи да нè убеди дека постојат или не постојат минимално технички услови несериозно е за сериозноста за предметот. Нема сè уште храброст кај нив да го дефинираме каков што навистина е несреќен случај предизивкан од незаконито неовластено и нестручна употреба на пиротехнички средства во затворен простор“, изјави адвокатот Петре Шилегов.
Реагираа родителите на жртвите. На минатото рочиште еден од нив бил исфрлен од судница поради човечка реакција, а денеска велат имаше циркус од процедурални игри и обиди да се развлече и релативизира вистината.
„Денеска судницата повеќе личеше на пазар, отколку на место каде треба да се бара правда за 63 изгаснати животи и стотици уништени судбини. Надвикување од сите страни. Прекинувања. Дообјаснувања без крај. Иронија, провокации и театрални настапи. Адвокати што се однесуваат како да водат медиумско шоу, а не постапка за трагедија што го зави Кочани во црно. Кога судницата ќе стане место за надмудрување, глума и пазарење со процедурите, тогаш довербата во правдата умира пред пресудата. А најстрашно е чувството што останува кај секој родител по излегувањето од таму, дека не присуствувал на борба за правда, туку на претстава во која исходот одамна некаде тивко е договорен“, Александар Наунов, родител на жртва во „Пулс“.
На еден од обвинетите му се слоши, па беше повикана Брза помош да интервенира по што судењето продолжи. Се изведуваше и обемна документација поврзана со објектот во кој була сместена „Пулс“ низ годините.
Елена Ивановска Мукоска
