Вести Македонија Топ вести

Наместо ПМФ, инженерство и медицина, стипендии за студии од стратешки интерес за државата

Наместо стипендирање на студенти на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки, како што беше досега, ќе се стипендираат студенти кои се запишани на студиски програми кои се од стратешки интерес за државата.

На критиките дека ова остава простор за дискреционо да се определи кои програми се од стратешки интерес за државата, во Министерството за образование велат дека се работи за дефицитарни струки коишто секоја година ќе бидат утврдувани во Програмата за студентски стандард која, како и досега, се носи секоја година.

Во сегашната програма, стипендии од по 6.050 денари се доделуваат на студентите запишани на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки. По 18.000 денари месечно стипендија има за студентите кои студираат математика, хемија, физика, земјоделство, ветеринарство или шумарство, но догодина може други области да бидат утврдени како стратешки.

Ова го предвидуваат измените на Законот за студентски стандард кои Собранието ги донесе синоќа по скратена постапка. Измените беа поднесени на 14 мај, а веќе на 19 мај усвоени. Скратената постапка не остави време за дебата, иако измените предизвикаа негодувања кај опозицијата.

Поддршката на студенти кои студираат наука, технологија, инженерство или математика е политика во речиси секоја земја. ЕУ на пример има стратешки план за образование за да охрабри повеќе студенти, особено девојки и жени, да студираат на овие области.

Најголеми критики во јавноста предизвикаа измените со кои наместо 49 отсто од стипендиите да одат за студенти од социјалните категории, тој процент сега се намалува на 40 отсто.

Во Министерството за образование велат дека во изминатите пет години нуделе по 1.470 вакви стипендии годишно, а условите ги исполнувале просечно по 1.100 студенти.

„Скоро 400 стипендии годишно остануваат недоделени. Со измените сакаме да ги доделиме на други категории на студенти за да не пропаѓаат“, велат во Министерството за образование и наука.

Со измените, студентските домови се делат на два типа – прв – реновирани и енергетски ефикасни домови и вториот тип – постоечки домови, кои не се реновирани. Поделбата носи и разлика во партиципацијата. Во нереновираните домови половина од парите за сместување ќе покрива МОН, а половина студентите, како и досега. За реновираните домови, МОН ќе покрива 40, а студените 60 отсто.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Штипската болница привремено нема да прима пациенти со скршеници – невремето оштети дел од покривот на Ортопедија и операционалата сала

Sasko Dimovski

Граѓани по одговори: Зошто летаа толку лимови од покриви во невремето – за среќа избегната е трагедија

Sonja Petrusevska

Двајца хоспитализирани, еден опериран – над 30 повредени од невремето во Скопје

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе