Вести Македонија Топ вести

ЕСМ со приговор за истрагата за мазутот

Една недела откако обвинителството ја запре истрагата за злоупотреби со набавките и испораката на мазутот за ТЕЦ Неготино, во време на енергетската криза од пред неколку години, менаџментот на Електрани денеска се обрати до органите на прогонот. Поднеле приговор и истиот е со цел да се укажe на одредени недоследности во водењето на постапката и да се побара нивно дополнително разгледување и контрола.

Во едно од претходните соопштенија на ЕСМ, тие излегоа со тврдење дека обвинителката паушално го спровела вештачењето и погрешно ги интерпретирала изјавите на инженерите кои биле повикани исклучиво да ги објаснат техничките аспекти на набавката и производството, а не да оценуваат дали има финансиска штета.

Истрагата за случајот беше затворена во вторникот, минатата недела, а обвинителката Коларевиќ уште тогаш, на брифингот со новинарите, посочи дека сведоците од ЕСМ тврделе дека нема штета, а кажа и дека нивниот исказ е еден од клучните докази за прекинување на истрагата.

„Денеска е доставен Приговорот од АД ЕСМ до ОЈО ГОКК и Вишото јавно обвинителство. Исто така, како што најавивме, поднесено е Барање за контрола и до Јавното обвинителство. Барањето е со цел да се утврдат недоследностите за водење на постапката“, велат од ЕСМ.

Во истрагата, вработен службеник во ЕСМ, пак, изјавил дека немало никаква финансиска штета од набавките вредни над 167 милиони евра, а како што објави КОД на Телма, за осомничената фирма РКМ и Ратко Капушевски сведочел со зборовите: „капа им симнувам на фирмата која ја вршела доставата на мазутот, бидејќи благодарение на работата на ТЕЦ Неготино, во тој период нема ниту еден ден рестрикција на струја“.

Со тврдење дека не се обезбедени докази за делата од пријавата на МВР, обвинителството ја запре истрагата за Ратко Капушевски и неговата фирма РКМ, Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко петрол“ и син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, поранешните директори во ЕСМ, избеганиот Васко Ковачевски и Адриан Муча, Ерџан Сулкоски и уште осум други осомничени.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Хиперхлорирање на системот и тројно тестирање на водата во Гостивар, наложи Управувачкиот комитет

Sasko Dimovski

Среќа е што нема жртви во невремето – експертите апелираат да запрат импровизациите во градењето и да се проверат многу конструкции

Sonja Petrusevska

САД ќе објават договор што ќе ѝ овозможи на Саудиска Арабија да развива цивилна нуклеарна програма

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе