Одбивањето на пратениците на ВМРО ДПМНЕ да го прифатат предлог – законот на СДСМ со кој премиерот, вицепремиерите, министрите и членовите на Владата не би можеле да имаат двојни државјанства, за претседателот на СДСМ Венко Филипче е јасно признание дека во владата „врие од луѓе со бугарски пасоши“.
„Одбија да го прифатат предлог-законот наш на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија со кој премиерот, вицепремиерите, министрите, членовите на Владата не би можеле да имаат двојни државјанства. Се поставува прашањето зошто тоа го направија, затоа што пола Влада требаше веднаш да си замине. Граѓаните добија уште едно јавно и многу јасно признание од организираната криминална група на Христијан и ВМРО, а тоа е дека во Владата врие од луѓе со бугарски пасоши“, рече Филипче.
Филипче додаде дека Владата на ВМРО има двојни стандарди кога станува збор за односот кон Бугарите во Уставот и функционерите со бугарски пасоши.
„Може целата Влада да биде составена од луѓе кои што во џебот имаат бугарски пасоши, ама Бугари во Уставот, е тоа не може“, рече Филипче.
