Политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски во дебатата во „Топ Тема“ оцени дека и по повеќе од три децении плуралистичка демократија, Македонија сè уште е суштински поделена по етничка линија, што според него го кочи развојот на граѓанско општество. Тој предупреди дека ваквиот модел на функционирање може да води кон долгорочна институционална нестабилност.
„Само ќе констатирам дека многу е жално за држава која по 35 години на практикување на повеќепартиска демократија и обид за изградба на една граѓанска демократија ние сме се уште длабоко и суштински поделени кога станува збор за третирање на етничките теми особено за држава која е членка на НАТО и вели дека е подготвена за отпочнување на преговори и заслужува полноправно членство“, изјави Атанасовски.
Во отсуство на граѓански модел, општеството ризикува понатамошна етничка и институционална фрагментација смета Атанасовски.
„Во европска држава ние немаме поделеност на етнички и политички блокови кои потоа го делат општеството на два етнички блока, бидејќи на овој начин на ваква етничка, а не граѓанска демократија ние одиме кон пат на деинституционалност, по пат на кипарското, по пат на босанско-херцеговското сценарио, до еден вид на етничка десолуција доколку продолжиме и во наредните 35 години кои доаѓаат“, рече тој.
Атанасовски истакна дека државата сè уште не успеала да изгради вистински граѓански модел на заедништво, особено меѓу младите.
Т.Д.
