Кој е на власт во Македонија? – Како СДСМ да не си заминала. Откако ова прашање доцна синоќа експремиерот и азилант во Унгарија, Никола Груевски му го постави преку Фејсбук објава на министерот за правда Игор Филков, денеска реагира министертвото. Додека Груевски во статусот бара преиспитување на неговите судски одлуки, правда му одговори дека не се надлежни.
„Собирањето информации од надлежните судови има за цел да обезбеди целосна и точна правна основа за понатамошно постапување. Министерството нема надлежност да ги преиспитува правосилните судски одлуки, туку е должно да постапува по нив“, соопшти министерството за правда.
Ваквата преписка следува откако Телма во саботата објави дека потребните документи за екстрадиција отпатувале од кривичниот суд до министерството, а Филков порача дека ја чека новата власт во Унгарија за да го испрати барањето за екстрадиција.
Од друга страна, пак, ова е прво јавно пишување на Груевски за екстрадицијата откако во Унгарија победи Петар Маѓар. Уште во првата изјава Маѓар навести можно укинување на азилот за Груевски и со тоа ја отвори вратата за екстрадиција. Груевски избега и во 2018 та година, а неговиот наследник Мицкоски најавува дека ќе оди во затвор ако биде екстрадиран. Опозицијата, пак, на чело со Филипче не верува во ова.
Инаку, застарена е пресудата за Груевски во предметот „Тенк“. Активна казна од година и половина затвор има за предметот „Шамари во Центар“ кој застарува во септември догодина. Девет години затвор во случајот „Плацеви на Водно“, застаруваат дури во 2043 година. Двете се донесени во отсуство, па тој доколку биде екстрадиран би можел да бара повторување на судењата.
Повторување може да бара тој самиот ако не знаел за пресудите или пак државата од која се бара екстрадиција како услов дека ќе добие правда ако биде екстрадиран. За извори од судот беше спорно тоа што во „Плацеви на Водно“ тој лично дал овластување на адвокатот да се жали пред врховниот суд, со што тоа би било потврда дека бил известен за пресудата.
Сепак, по увидот во предметот од страна на Телма, токму ова полномошно не можеше да се најде во списите. За Груевски има истрага и како организатор на инцидентите во Собранието од 27 април 2017 година. Поренешниот премиер на Унгарија, Орбан му даде политички азил и еднаш веќе беше одбиена негова екстрадиција.
Билјана Николовска Тодорова
