Вести Македонија Топ вести

Две градинки во Битола се градат шест години – децата кои се родија кога почна изградбата, тргнаа во прво одделение

Шест генерации деца пораснаа чекајќи ги двете градинки што се градат во Битола од 2020 година, едната во поранешната касарна, другата во Нова Битола. Проектите што требаше да го намалат недостигот од места, со години се заглавени, а објектите сè уште не се ставени во функција. Во последните шест години во Битола се родени над 4.000 деца, а дел од нив веќе ја надминаа потребата за згрижување во градинка.

„Децата пораснаа, запишани беа, ама не стигнаа да одат, почнаа на училиште“, вели една баба.

„Се надеваме дека ќе биде за брзо. Каде што ја носам внуката има премногу деца, потешко им е на воспитувачките“, додава друга. 

Во битолските градинки се згрижени над 1.600 деца. На листа на чекање има 900, а родителите се снаоѓаат како знаат.

Градинката во поранешната касарна е во изградба. Со повеќе прекини, раскинати договори и нови тендерски постапки, изградбата влезе во шеста година, иако имаше низа најави дека работата напредува.

Изградбата на градинката во АРМ започна во 2020 година, беше прекината во 2022 година по раскинување на договорот со изведувачот, по што следуваа нови тендери и нов договор во 2024 година. И покрај најавите за финализирање, и во април 2026 година сè уште се изведуваат градежни работи.

„Изградбата е во завршна фаза и се очекува да заврши до крајот на третиот квартал од годинава“, велат од Општина Битола. 

И градинката во Нова Битола кај ОУ „Св. Климент Охридски“ започна да се гради во истиот период, но сè уште не е отворена. Од Општината велат дека објектот моментално партерно се уредува, по што треба да биде ставен во функција.

Двете градинки во изградба имаат вкупен капацитет од речиси 400 деца. Тоа би требало да го намали притисокот, но не и да го реши проблемот.

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европската централна банка ги одржува каматните стапки непроменети поради флуктуациите на цените на нафтата

Kristina Kuzmanovski

ВЛЕН: Дали случајот со водата во Гостивар излегува како случајот со канализацијата во Зајас?!

Дејан Дејан

СДСМ: Организираната криминална група ВМРО ќе ја отруе цела Македонија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе