Два пати кочанските полицајци при крајот на 2023 година извршиле контроли во „Пулс“ и затекнале малолетници, по што била изготвено барање за поведување прекршочна постапка, но не знаеле тогаш што значи тоа дека фирмата „Класик ДМ“ која раководела со објектот била неактивна. Ова денеска го сведочеа двајцата полицајци и командирот кои се обвинети дека при контролите не постапиле во согласност со пропишаните правила и во записниците навеле неактивно правно и одговорно лице. Обвинетиот Кире Богатинов пред судот рече дека побарал тековна состојба од газдата Дејан Јованов, кои им кажал дека немал таков документ со себе во „Пулс“.
„Во тој момент не сум забележал дали статусот бил активен или неактивен и нормално дека немало да пишеме прекршочна пријава ако правниот субјект е избришан. Може да кажам дека до денот кога ми беше поднесена кривична пријава не сум знаел што значи статус активен, односно неактивен“, вели Кире Богатинов, обвинет.
Обврска било на административните службеници во полициската станица да побараат тековна состојба од центарланиот регистар при изготвување на барањето за поведување прекршочна постапка. Горан Лазаров сведочеше дека при друга контрола Јованов Деко воопшто не сакал да соработува и не се ни потпишал на записникот.
„Откако го изготвивме извештајот му да дадовме на Дејан Јованов да се потпише на него. Тој одби да се потпише. Никаква соработка од него немаше и ние се повлековме од угостителскиот објект“, рече Горан Лазаров, обвинет.
Командирот Александар Темелков се бранеше дека работеле согласно законот и дека потоа дознале дека „Класик ДМ“ во 2019 година немало поднесено завршна сметка и затоа фирмата била неактивна.
„Имам разговарано со луѓе дека на неактивна фирма може да се поведе прекршочна постапка. Не може да се поведе само ако е избришана од централен регистар“, изјави Александар Темелков, обвинет.
Тројцата обвинети се гонат за злоупотреба на службената положба и овластување.
Марија Митевска
