Вести Македонија Топ вести

Аврамов oд МЗД: Исклучувањето на кандидатките отвора сомнеж за селективен избор во Собранието

Мрежата за заштита од дискриминација реагира дека Собранието повторно ги прекршува сопствените законски процедури при избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, обвинувајќи за нетранспарентност и селективен пристап.

Реакцијата доаѓа откако на веб-страницата на Собранието беше објавен дневниот ред за седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, на која треба да се одржи јавна расправа со пријавените кандидати. Според најавата, расправата ќе започне во 11 часот, а веќе во 14 часот истиот ден Комисијата треба да го утврди кандидатот што ќе му го предложи на Собранието.

Од Мрежата посочуваат дека на листата на кандидати воопшто не се наоѓаат двете кандидатки, иако, како што сметаат, поднеле уредна документација.

„Согласно законот, Комисијата треба да утврди предлог-листа од сите пријавени кандидати, по спроведена јавна расправа и со приложени материјали од сите пријави. Оттука, прашуваме каде се овие две уредно доставени пријави?“, реагираат од Мрежата.

Тие предупредуваат дека ваквите постапки оставаат сомнеж за однапред донесени одлуки и го ограничуваат правото на еднаков пристап до функциите, нагласувајќи дека изборот на членови во независни тела мора да се темели на транспарентност, еднаков третман и почитување на демократските процедури.

Атанас Аврамов од Мрежата, во изјава за Телма, потврди дека до овој момент од седумте кандидати објавени за интервју, ги нема двете кандидатки коишто доаѓаат од граѓанскиот сектор односно од организации членки на Мрежата. Според него, единствена основа за нивно исклучување би можела да биде нецелосна документација, но како што истакна, таква информација досега нема.

Дополнително, Аврамов посочи дека Мрежата, која вообичаено добива покана да учествува и да присуствува на интервјуата, овојпат не била поканета како целина, туку покани добиле само неколку здруженија коишто се дел од неа.

„Ова отвора сериозни прашања за транспарентноста на процесот, особено ако се има предвид дека и претходниот избор беше неуспешен. Се наметнува дилемата дали се создава простор за избор на партиски кадар кој нема да биде доволно компетентен“, изјави Аврамов.

Од Мрежата бараат од Комисијата за избори и именувања итно да објасни врз основа на што е направено ограничувањето и дали има и други кандидати кои, иако ги исполнуваат условите, не се повикани на јавната расправа.

Тие исто така бараат Собранието јавно да одговори која е целта на донесувањето закони и процедури и за кого важат, кога очигледно не важат за неговите сопствени тела.

Невладините бараат од пратениците да не гласаат за Џихан Ахмед- прашана за Истанбулската конвенција, одговори: „Јас вака би продолжила, како што е сега моментално во Истанбул“

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Притвор од 30 дена за екс директорот на Царина, Стефан Богоев и другите тројца осмничени за местење тендер

Дејан Дејан

Протест на граѓани поради опасното возење и сообраќајните несреќи на улицата „Бутелска“ – бараат надлежните бргу да реагираат

Igor Trajkov

(живо)Ова е рана фаза на истрагата, ќе се обезбедуваат и дополнителни докази, вели обвинителката за случајот со Богоев – Се чека одлуката на Кривичениот суд за барањето за притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе