Имаме закон. Вака владата се пофали дека конечно го усвоила предлог законот за правична застапеност кој треба да го наследи балансерот од претходната власт. Велат не е донесен набрзина, а се земени пред вид и препораките на Венецијанската комисија. Ќе се формира координативно тело кое ќе следи дали се применува, а во рок од шест месеци од носењето ќе мора да се усогласат и други закони.
Во октомври 2024 година беше укинат балансерот. Тој беше алатка која се користеше за вработувањето во јавната администрација за етничките заедници. Сега законското решение доаѓа на само ден по протестите кои ги организираа студентите од албанска националност. Тие бараат да полагаат правосуден испит на албански јазик. Информацијата за нив стигна и до меѓународната заедница. Премиерот Христијан Мицкоски веќе ги известил НАТО и ЕУ за како што рече обидот на опозицијата да предизвика дестабилизација. Од ВЛЕН кои се пак во владечаката коалиција имаат мислење дека сепак мора да се исполнат барањата на студентите.
Потпретседателот на опозициската ДУИ, Бујар Османи исто така објави дека и тие ја известиле меѓународната заедница.
„Ги информирав претставниците на меѓународната заедница за обидите на Владата да ја прикаже на извртен начин природата на студентските протести, етикетирајќи ги како партиски мотивирани и создавајќи неточна перцепција за реалноста во земјата“, изјави потпретседател на ДУИ, Бујар Османи.
За опозициската СДСМ пак поделбите се инспирирани од Мицкоски и Владата. Порачаа пред да се пријавува во НАТО и ЕУ, прво самиот премиер да се пријави како дестабилизатор на државата.
Билјана Николовска
