Над 50 илјади жители во Струга 18 години пијат вода од изворот „Шум“, кој се користи без дозвола и без основна заштита. Ова го утврди Инспекторатот за животна средина со вонреден надзор по хаваријата минатиот месец, кога градот речиси еден месец остана без чиста вода за пиење.
Речиси две децении, без дозвола и без утврдени заштитни зони, Општина Струга го користи изворот „Шум“, од каде со вода за пиење се снабдуваат над 50 илјади жители. Ова го утврди Државниот инспекторат за животна средина со вонредниот надзор спроведен по последниот еколошки инцидент што се случи во февруари, кога од чешмите наместо вода потече кал, а стружани речиси еден месец останаа без чиста вода за пиење.
- „При надзорот утврдивме дека јавното претпријатие не поседува дозвола и е задолжено да поднесе барање до Министерството за животна средина. Потоа ќе следи повторен надзор за да се утврди дали се исполнети обврските“, велат од Државниот инспекторат за животна средина.
И покрај тоа што во изминатите две децении се сменија неколку локални власти, досега никој не поднел барање за легално користење на изворската вода, ниту пак биле утврдени зони за заштита. Од ЈП „Водовод и канализација“ Струга велат дека, по насоки на Инспекторатот, постапката за добивање дозвола е во завршна фаза.
- „Во тек е подготовка на документацијата која ни ја бара Министерството за животна средина за добивање дозволи за користење на водата за пиење. За сите извори и каптажи што ги зафаќа претпријатието ќе поднесеме соодветна документацијаа“, изјави директорот на ЈП “Водовод и канализација“ – Струга, Јован Мечкароски.
Основното јавно обвинителство во Струга отвори постапка за утврдување евентуална кривична одговорност за загадување на водата и незаконска експлоатација на минерални суровини од каменоломот кој се наоѓа во близина на изворот.
Но, зошто од 2008 година, кога е донесен Законот за води, до денес никој ниту побарал дозвола за користење на водата од изворот Шум, ниту пак некој понел одговорност , нема одговор од надлежните.
Емилија Мисирлиевски
Б.С.
