Во емисијата „Вин-Вин“ гостуваше лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој отворено проговори за причините поради кои неговата партија одлучи да ја напушти владината коалиција, опишувајќи ја како период на маргинализација и нефункционалност.
„Нашата идеја на почетокот на 2024 година беше многу добра – им кажавме на Албанците дека се потребни промени по 22 години власт на ДУИ“, изјавиТаравари, потсетувајќи дека коалицијата Влен успеала да освои 107.000 гласови и да ја исполни својата главна цел – испраќање на ДУИ во опозиција.
Сепак, ентузијазмот брзо згаснал. Според неговите зборови, па така по само десет месеци владеење, партијата се соочила со суровата реалност. Тој тврди дека ВМРО-ДПМНЕ извршила „тотална маргинализација“ врз нивните кадри каде повеќето директори на Влен биле зависни од замениците директори.
„Влен е само еден декор во владата, колку да се каже дека има и албански претставници, а да немаат никаков импакт и никакво влијание“, посочи Таравари.
Таравари упати сериозни критики и кон премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за свесно слабеење на албанскиот политички фактор.
„Мицкоски успеа тотално да ги маргинализира Албанците и да покаже дека може да се владее и со група на мали партии, кои ниту треба нешто да прават, ниту знаат“, изјави тој, додавајќи дека повеќето министри од албанскиот блок биле анонимни и без работно искуство.
Клучните точки од коалицискиот договор, според него, останале само на хартија, а додаде дека
фискалната децентрализација не само што не се случила, туку новиот закон за локална самоуправа дополнително им ги намалил ингеренциите на општините.
Според Таравари подобро е да си во опозиција отколку да бидеш кукла во владата.
„Јас карактерно не можам да бидам кукла во една влада… Да бидеш дел од систем којшто е нефункционален е идиотизам“, рече Таравари.
Т.Д.
Таравари: Државата е на „стендбај“, а премиерот настапува како „one-man show“
