Јајцата и маслото поскапеа до 10 отсто. Ова го констатирале инспекторите од пазарна во контролите направени изминативе седум дена. Од дел од маркетите ни соопштија дека веќе ги добиле новите цени, кои треба да ги прикачат на рафтовите.
Кај другите производи инспекторатот за сега не утврдил промени, а како причина за поскапувањето на овие два продукти, ги наведуваат берзанските цени.
Ова зголемување на цените на јајцата од 5 до 10 отсто, и кај маслото од 3 до 5 проценти е поради растот на цените на суровините на светските берзи. За околу 15 проценти е поскапено суровото масло, а зголемување на цената има и на сојата и пченицата, поради случувањата во Украина и новите случувања на Блискиот исток, соопштија за Телма од Државен пазарен инспекторат
Од пазарниот инспекторат за Телма соопштија и дека до трговците за сега нема информации од производителите дека ќе има поместувања на цените. Со контроли ќе продолжат и во следните две до три недели.
Од друга страна пак земјоделците алармираат – ако не се смири воениот конфликт ќе има голем раст на цените на земјоделските производи. Бараат итно да се активира интервентен фонд.
Сите репроматеријали за ѓубривата доаѓаат од тој регион и очекуваме и големи зголемувања на цените и во малопродажба и како наш предлог тука би дале дека федерацијата односно државата треба да преземе навреме мерки како што е на пример активирање на кризен фонд, изјави Стеванче Јорданоски, претседател на Национална федерација на фармери
Министерот за земјоделие пак со смирувачки тонови, како и неговите колеги и тој вели дека состојбата се следи.
Ги следиме состојбите дневно и доколку има потреба од мерки и предлози ќе излеземе за санација на таквата состојба, соопшти министерот за земјоделство Цветан Трипуновски
Експертската јавноста одамна предупреди на бран поскапување. Во меѓувреме на светките берзи цената на нафтата продолжува да расте. Достигна и до 108 долари за барел. Владата се уште ја следи состојбата, во соседството државите уште минатата недела донесоа мерки за справување со ризиците наметнати од воениот конфликт.
Ирена Чачкова
