Во средното уметничко училиште деновиве владее немир и тешка атмосфера. Професорот, кој до вчера стоеше пред табла и им предаваше на учениците, во наредните три месеца нема да влезе во училницата.
За 52-годишниот наставник вратите на училиштето практично ќе бидат затворени. По сериозна пријава дека од ученичка барал да имаат полови односи, надлежните реагирале веднаш. Судот му го одзел пасошот и му изрекол строга мерка забрана да и се приближува на 18-годишната.
Во училиштето ќе влезе и Државниот просветен инспекторат, кој ќе спроведе вонреден надзор за да утврди дали имало пропусти и што точно се случувало зад училишните врати. Но за овој наставник претходно немало никакви поплаки. Случајот ќе биде отворен и пред дисциплинската комисија, вели директорот на оваа образовна установа.
- „По добиените информации односно пријава од страна на засегнатите девојчиња ученички, јас веднаш повикав полиција и веднаш согласно моите законски овластувања како директор донесов решение со кое што го суспендирам на три месеца наставникот и со забрана за приближување до училиштето. Исто така е формирана дисциплинска комисија која што ќе си ја заврши својата работа“, вели Димитар Филиповски директор на средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ Скопје
Случајот предизвика шок и револт меѓу учениците, родителите и вработените. Заведен е и во дневниот билтен на МВР, а според информациите на полицијата професорот од 25-ти февруари до втори март ја вонезмирувал 18-годишната ученичка и барал од неа да имаат полови односи. Сега на потег се надлежните институции кои треба да го расчистат случајот и да одлучат каква мерка ќе добие наставникот од средното уметничко училиште Лазар Личеноски.
Симона Петровска
https://youtu.be/ONlfI4SB8zI
Б.С.
