Во Турција започна масовен судски процес против 400 лица, меѓу кои и затворениот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу. Овој процес се смета за еден од најзначајните и најконтроверзните во поновата историја на земјата.
Главен обвинет е Екрем Имамоглу, градоначалникот на Истанбул и истакнат лидер на опозициската Републиканска народна партија (CHP), се смета за најсериозен ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган за изборите во 2028 година.
Тој беше уапсен на 19 март 2025 година, кратко откако ја објави својата кандидатура за претседател.
Имамоглу веќе помина речиси една година во притвор во затворот „Силиври“ каде што и се одржува судењето.
Покрај Имамоглу, на обвинителната клупа ќе седнат повеќе од 400 лица, меѓу нив сегашни и поранешни вработени во Град Истанбул, негови сопартијци, бизнисмени кои соработувале со општината, како и новинари и активисти.
Обвинението се протега на речиси 3.900 страници. Имамоглу се соочува со 142 посебни точки, како: Формирање и водење на „криминална организација за профит“; Наместување тендери и корупција (датирајќи од 2015 година, кога беше градоначалник на областа Бејликдузу); Примање мито и изнуда; Тероризам и шпионажа.
Доколку биде прогласен за виновен по сите точки, на Имамоглу му се заканува вкупна затворска казна од над 2.000 години (некои извори наведуваат до 2.430 години).
Опозицијата и меѓународните организации за човекови права (како Amnesty International и Human Rights Watch) го карактеризираат судењето како „политички мотивирана фарса“ со цел да се елиминира Имамоглу од политичката сцена и да му се забрани учество на претстојните избори.
Во текот на истрагата, властите му ја поништија универзитетската диплома на Имамоглу, што е законски услов за претседателска кандидатура.
И покрај забраната за собири во радиус од 1 километар околу судот во Силиври, илјадници поддржувачи денеска се собраа за да изразат солидарност.
Неговото апсење минатата година предизвика масовни демонстрации низ цела Турција.
Првиот ден од судењето помина тензично, со вербални пресметки меѓу Имамоглу и судијата. Градоначалникот го опиша процесот како „обид за поништување на волјата на народот“ и „еден од најтешките тестови за турската демократија“.
Поради огромниот број обвинети и обемната документација, се очекува судењето да трае со месеци, па дури и со години. Поради недостаток на простор, властите изградија посебна судница во рамките на затворскиот комплекс „Силиври“ за да ги примат сите учесници.
