Кочани, конечно, ќе добие Дом за стари лица. Во кругот на старата касарна ќе се гради современ центар за социјална и здравствена заштита за граѓаните од третата доба. Изградбата ќе чини 226 милиони денари, а во него ќе се сместат 141 лице. Во тек е избор на градежна фирма која ќе го гради домот за стари лица.
„На 15 јануари ги отворивме понудите и имаме пет понуди. Во текот на наредната недела ќе се разгледува документацијата и ќе се воспостави негативна аукција, односно ќе се оди на намалување на цените за изведба на домот за стари лица во Кочани“, вели Владко Грозданов градоначалник на Кочани.
Доизградбата на домовите за стари лица во Пробиштип и во Штип засега се статус-кво. Проектот за Пробиштип треба да се ревидира, додека во Штип објектот е карабина, но поради статусот на дивоградба веќе 10 години нема градежни активности.
„Треба прво да се разрешат тие правни елементи кои не зависат од нас како министерство, во делот на финансирањето и поддршката. Со градоначалникот ќе разговараме се што е во негова моќ да може да се направи и да се откочи овој процес и да можеме понатаму како министерство и Влада, да ја поддржиме и доизградбата на овој проект“, изјави Ѓоко Велковски, министер за социјална политика, демографија и млади, на 3 јануари.
Брегалничкиот регион има потреба од домови за стари лица, за сместување на повозрасните граѓани кои остануваат сами и нема кој за нив да се грижи, бидејќи нивните деца, семејства се заминати во странство. Во моментов само во Берово има Дом за стари лица, кој низ годините се надоградува, а во моментов има капацитет за 67 граѓани.
Викторија Јованова
