Полициската структура во државата ќе претрпи нова измена што ја предлагаат пратеници на владеачката ВМРО-ДПМНЕ преку два закона кои сериозно беа изменети минатата година. Станува збор за законите за внатрешни работи и за полиција во кои се предвидува искачување на скопската полиција во хиерархијата на МВР и Бирото за јавна безбедност.
Наместо СВР Скопје, како е официјалниот назив на скопската полиција, сега ќе се вика Оддел за внатрешни работи Скопје и ќе биде посебна единица над останатите седум сектори за внатрешни работи како што се во Куманово, Охрид или Тетово. Предлагачите велат дека причина за вакво издвојување на скопската полиција е поради обемот на работа и активности во главниот град.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ПРЕДЛОГ ЗАКОН ЗА ИЗМЕНИ ВО ЗВР: За ова прашање од суштинско значење се и се имаа предвид следните критериуми: територија, број на население, жители во градот, број на туристи, привремени престојувалишта, обем на криминалитет, број на кривични дела и прекршоци, обем и динамика на активности, вид и обем на полициски активности на територијата на град Скопје и слично.
Скопската полиција имаше посебно повисоко и клучно место во хиерархијата на МВР и порано, но за поголема ефикасност и подобра организација, со реформите во 2005-та беше укината таа позиција во хиерархијата.
Началникот на поранешното ГУВР Скопје, до 2008-ма имаше и статус на помошник министер, но тоа беше укинато. Сега началничката позиција во скопската полиција се враќа на прво ниво и ќе има поголеми овластувања, особено во делот за интервенции.
Двата закона беа сменети целосно во јули лани, но при примената било утврдено дека скопската полиција треба да има повисок статус, бидејќи во главниот град се случуваат повеќе од 60 проценти од кривичните дела во Македонија.
Со измените ќе се овозможи и поголема плата за скопските началници и полицајци во однос на полицајците од другите градови. Во законот е наведено дека ќе се применува од 1 јули оваа година.
Миомир Серафиновиќ
