Приближно 40.000 евра е вкупната вредност на 22-те казни што ги изрекоа инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) на оператори со храна, во рамки на спроведените вонредни надзори во маркети и хипермаркети во земјава.
„Контролите утврдија полесни повреди од областа на безбедноста на храната (неселектираност на разладни уреди, нејасни и нечитки декларации на производите и слично) кај 10 оператори за што се изречени мерки опомена, а во два маркета констатирано е дека вработените лица немаат санитарни книшки. Кај шест од контролираните меркети е утврдено дека немаат имплементирано процедури за примена на правилата на Добра призводствена и Добра хигиенска пракса, а кај 14 маркети затекната била храна со изминат рок на траење“, се наведува во соопштението на АХВ.
При контролите биле одземени и 253 килограми храна (месо и преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови производи) како незбезбедни, додава АХВ, и истите биле уништени.
