Додека дел од јавноста сè уште се двоуми дали чадот во угостителските објекти е „традиција“ или здравствен ризик, за Институтот за медицина на трудот нема дилеми. Со јасна и недвосмислена порака, застануваат цврсто зад Предлог-законот за заштита од пушењето, оценувајќи дека целосната забрана во затворени јавни и работни простории не е казна, туку цивилизациски минимум.
Според Институтот за медицина на трудот, работниците во угостителството се меѓу најизложените и најзаборавените и за нив пасивното пушење не е личен избор, туку секојдневна „обврска“. Од оваа установа велат дека науката одамна ја завршила дебатата – не постои безбедно ниво на изложеност на тутунски чад или никотински аеросоли.
„Пасивното пушење е докажана причина за сериозни респираторни и кардиоваскуларни заболувања, вклучувајќи го и ракот на белите дробови, дури и кај непушачите. Наша должност, како јавно-здравствена установа, е да обезбедиме ниту едно лице да не биде „колатерална штета“ на туѓа навика додека ги извршува своите професионални обврски“, велат од Институтот за медицина на трудот.
Од Владата велат дека е предвидена средба со угостителите во однос на најавениот закон против пушењето. Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, вели дека законското решение е во надлежност на Министерството за здравство, а го поздрави како чекор во насока на заштита на здравјето на луѓето.
„Постоечкиот закон гледаме дека многупати не се применува и дека некогаш намерно или ненамерно се изигрува. Мислам дека овој Закон ќе биде многу поквалитетен од претходниот. Не само што ќе биде донесен новиот закон, туку ќе имаат и повеќе работа инспекциските служби кои ќе бидат надлежни да го контролираат истиот“, вели заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Во Нацрт-законот за заштита од пушењето, кој е објавен на електронскиот регистар ЕНЕР за јавна дебата, наведени се сите нови решенија или стари кои досега не се применувале. Забрана за пушење се предлага да се воведе и во простори каде има деца, односно во училишни дворови, а нема да смее да се пуши ниту во полициски станици, ниту во затвори (вклучително и ќелиите за доживотен затвор). Се воведува и простор каде е забрането пушење на влезови на објекти.
Дел од академската фела, пак, порача дека Законот е премногу ригорозен и може да предизвика штети по економијата.
Петар Догов
